Последниов месец, на списокот на Твитер се најде Џ.К.Роулинг, писателката на Хари Потер, инаку обожавана во тој хабитат, најчесто поради секогаш прикладните мислења за сериозни сфери во општеството.
Овој пат ги налути твитерџиите ширум светот застанувајќи зад кастингот на Џони Деп во продолженитето на Fantastic Beasts, The Crimes of Grindelwald.
Приказната е ваква: Во 2016-та, Џони Деп имаше многу јавен развод од Амбер Херд, која набави и забрана за пристап и го обвини за насилство. Па новинарите се снајдоа околу слики од Амбер со модрици, а и се објави видео каде што Деп на пијано се кара со неа. Во тој момент, социјалните мрежи беа зафатени со обвинувања против неа, како сака да искамчи пари и публицитет и како нема шанси он да е така насилен.
Џони Деп ниеднаш не ги прифати обвинувањата, заврши со спогодба, а наводната жртва ја повлече забраната за пристап како што и секоја жртва на домашно насилство секогаш… уствари не. Но, добро. Заврши пристојно и си посакаа пријатен живот.
На сцена стапуваат фановите на Хари Потер, а и многумина што врска немаат со тоа и бараат да се направи нов кастинг за ликот на Гринделвалд кој треба Деп да го игра и инсистираат дека нивното мислење е вистинското мислење, над сите мислења, како што тоа на Твитер обично бива.
Џ.К. Роулинг ги шокираше сите навикнати на нејзините ставови, кои баш секогаш се трефнуваа совршени, со тоа што објави дека – не може. Ова само покажува дека и најсовршената јавна личност може да го јаде ако не постапи како што ќе заповеда безумната маса навикната да има платформа со која располага од подрум. И не само масата, една статија во Индепдендент спомна дека Роулинг „предала милиони жени”. Њу Стејтсмен ја спореди изјавата дека е навистина среќна со кастингот на Деп - со „силувачката култура”.
Всушност, Роулинг кажа дека со режисерот размислувале да ангажираат друг глумец, но одлучиле да не направат така. Има две важни поенти: Прво, вели дека не реагирала на темата на социјалните мрежи затоа што „има договори кои ја штитат приватноста на двајца луѓе, кои изразиле желба да продолжат со своите животи”. Второ, во една јасна реплика на тие што ја критикуваат, вели „совеста не ја одредува комитет... сите мораме да го правиме тоа кое веруваме дека е добро.”
Што и да се случило меѓу Деп и Херд, e приватна работа. Заедничката изјава која ја објавија по разводот, во која си посакаа добро во иднина го покажува токму тоа. Што е поважно, идејата дека штом некој е обвинет за злосторство, или осуден дури, воопшто не смее да работи е навистина назадна.
Има нешто вознемирувачко во желбата да се исчисти општеството од секој кој направил грешка, направил криминал во минатото или едноставно бил обвинет за тоа. На пример, случајот на Кевин Спејси - ниедно обвинување против него не е докажано на суд, а сега го избришаа од House of Cards и од еден филм што треба да излезе.
Може ли либерално, прогресивно општество да признае дека луѓето прават грешки и се способни за искупување? Плус, би требало да можеме да одвоиме приватен живот од професионален. На кандидат за работно место да му поставуваш прашања за минатите романтични врски, би било неприкладно, нели?
На крај, може ли едно прогресивно општество да престане да скока истата секунда кога некој ќе покаже со прст?
Одбивањето на Роулинг да се предаде на разулавената толпа не е баш лесно овие денови. Да зборуваш или да делуваш по свое, а тоа да не е на иста бранова должина со прифатениот наратив, обично резултира со масовни барања за извинување, но како што кажува и самата, „совеста не ја води комитет”.