Жени примаат тестостерон - и воодушевени се

Жените пријавуваат поголемо либидо, повеќе енергија, подобро расположение и бројни други придобивки од терапијата со тестостерон.

Кога ќе се спомне тестостерон, повеќето веднаш мислат на машкиот полов хормон. И навистина, Американската агенција за храна и лекови (FDA) моментално ја одобрува терапијата со тестостерон - која може да се зема преку инекции, креми, гелови, фластери или таблети - само за цисродови мажи со ниско ниво на хормонот.

Но, реалноста е дека тестостеронот е клучен и за жените. Јајниците го произведуваат заедно со естрогенот и прогестеронот, а сите три хормони почнуваат да опаѓаат со годините. И покрај тоа што Агенцијата сè уште не ја одобрува оваа терапија за жени, многу од нив наоѓаат начин да ја користат и тврдат дека резултатите се спектакуларни.

Како и кај мажите, тестостеронот кај жените го зголемува либидото и агресијата, а неколку студии укажуваат дека може да придонесе и за подобра густина на коските, како и за подобро расположение и повисоко ниво на енергија. Производството на тестостерон кај жените е највисоко во доцните тинејџерски години и раните дваесетти, а потоа постепено опаѓа - по менопаузата, нивото се намалува за околу половина.

Соберете го сето тоа, пишува Њујорк Тајмс, и добивате „нелегална фонтана на младоста“. „Ми го смени бракот,“ изјавува 41-годишна маркетинг консултантка за весникот, објаснувајќи дека од целосна незаинтересираност преминала во секс со сопругот и до шест пати неделно.

Но не станува збор само за либидо. Многу жени пријавуваат и зголемена амбиција и физичка енергија по започнување на терапијата. Една од нив дури изјавила дека ќерка ѝ ѝ рекла оти станала „како тинејџер“,  што и не е чудно, бидејќи адолесцентните момчиња произведуваат десетпати повеќе тестостерон од девојчињата на иста возраст. Други забележани ефекти се помалку масно ткиво, повеќе мускулна маса, подобра концентрација, па дури и поздрава кожа.

Сепак, не сите лекари се убедени. Некои предупредуваат на можни несакани ефекти, како засилен раст на влакна на лицето и телото, промена на телесниот мирис и непознати ризици при долготрајна употреба. А како и со секој тренд поврзан со здравјето, приказната брзо се филтрира и изопачува преку социјалните мрежи и инфлуенсерската култура.

„Рекламите кои тврдат дека тестостеронот ќе ви ги реши сите проблеми се прерани и претерани,“ вели докторката Нора Лансен од Електра Хелт за National Geographic. Сепак, таа не ги обесхрабрува жените кои сакаат да експериментираат доколку чувствуваат дека би им помогнало: „Во моментов е нејасно - не знаеме што точно е вистината.“

Третманот останува и маргинализиран. Поради долгогодишното занемарување на женското здравје во медицината, опциите за тестостеронска терапија кај жени најчесто се сведуваат на нетрадиционални установи како велнес центри, нутриционисти, мед-спа клиники или т.н. „longevity“ практичари. За разлика од машките тестостеронски клиники, овие услуги речиси никогаш не се покриени со здравствено осигурување.

Иронично, дури и со таа ограничена достапност, многумина забележуваат дволичност во медиумскиот наратив - истиот весник кој денес со ентузијазам пишува за хормонска терапија кај цисродови жени, години наназад ширел страв околу сличните терапии кај трансродови лица.

На крај, останува фактот дека тестостеронот е моќна супстанца - и дека секој треба да има право да избере третман кој му одговара.

27 октомври 2025 - 11:42