Не било „Девојка“, туку „Дете со бисерна обетка“

Досега, идентитетот на девојката на портретот беше непознат, но сега, после 360 години, историчарите на уметност конечно можат да кажат дека ѝ го знаат и името. Се викала Магдалена, но поголемото откритие е дека воопшто не била ни жена, дури ни тинејџерка - туку десетгодишно девојче.

Магдалена била ќерка на брачниот пар Петер Клаесзон ван Рајфен и Марија де Кнујт од Делфт. Во својата нова книга Vermeer: A Life Lost and Found, историчарот на уметност Ендру Греам-Диксон објаснува дека Вермер работел речиси исклучиво за овој пар, и не му биле само спонзори, туку и блиски пријатели. Ван Рајфен и де Кнујт припаѓале на религиозната заедница Ремонстранти - христијански правец проблематичен во 17 век поради верувањето во слободната волја да се прифати или одбие Бог.

Историчарот смета дека токму верските убедувања на семејството влијаеле на начинот на кој Магдалена била прикажана. Таа била насликана како да ја претставува Марија Магдалена - следбеничката на Христос која ги поддржувала неговите проповеди и била симбол на верност и духовна посветеност.

Греам-Диксон пишува дека Магдалена имала околу 12 години во есента 1667 година - време кога, како и нејзините родители, веројатно станала дел од Колегијантите - радикално крило на Ремонстрантите. Вермер, кој и самиот учествувал во нивните верски собири, бил длабоко инспириран од нивните идеи и од духовноста на Марија де Кнујт, со која имал особено блиска врска.

По смртта на ван Рајфен во 1674, па на Вермер во 1675, потоа Марија во 1681 и Магдалена во 1682 година, сликата останала како единствен сведок на нивната поврзаност.

Иако дел од историчарите и понатаму тврдат дека моделот можеби бил измислен лик, ова ново толкување носи завршница по векови шпекулации.
По сите овие години, сликата станува Девојче или Дете со бисерна обетка, или едноставно - Магдалена.

24 октомври 2025 - 10:30