Софија Толстаја - или причината што денес можеме да ја читаме „Војна и мир“

Кога 18-годишната Софија Берс се мажи за 34-годишниот Лав Толстој во 1862 година, не влегува само во брак туку во животна улога што ќе ја проголта во следните 48 години: сопруга, препишувач, уредник, финансиски менаџер, издавач, мајка и организацискиот ум зад едно од највеличествените дела во светската литература.

Историјата го памети Толстој како осамениот гениј што ги создал Војна и мир и Ана Каренина. Но малкумина знаат дека неговите ракописи биле речиси нечитливи - хаотични, преполни со исправки и расфрлани белешки. Софија од тој хаос создала ред: го препишала романот (сите 1.200 страници!) рачно, повеќе пати, додека Толстој постојано го преработувал текстот. Некои извори велат три пати, други и повеќе. Она што е сигурно е дека Софија поминала години свиткана над неговиот тешко разбирлив ракопис, препишувајќи и организирајќи го додека била бремена, доела и се грижела за огромното домаќинство. Истото го направила и со Ана Каренина и со подоцнежните дела и тоа без машини за пишување, без секретарки, со свеќа и на хартија, вооружена само со истрајност и верба во генијалноста на сопругот. 

И не ни завршува на препишување - Софија преговарала со издавачи, склучувала договори за авторски права, ги водела семејните финансии и се грижела книгите навистина да бидат објавени, продадени и доволно успешни за да го издржуваат семејството и нивните 13 деца - од кои пет починале во детството. Го управувала имотот, ги надгледувала слугите, ги образувала децата, негувала болни и водела детални дневници што денес претставуваат непроценлив увид во креативниот процес на Толстој и во секојдневниот живот на руското благородништво во XIX век.

Долги години нивниот однос бил вистинско партнерство. Софија верувала во неговиот гениј и му го посветила својот живот. Толстој, барем насамо ја признавал нејзината заслуга. Нивниот брак бил истовремено интелектуално длабок и емотивно близок.

Но, Толстој старее и почнува да се менува. Одеднаш го јаде духовна криза - одбивал богатство, имот па дури и авторство. Се свртел кон радикален христијански аскетизам, проповедајќи сиромаштија и едноставност. Тргнал дури и да ги отстапува авторските права и да живее како селанец.

На Софија, пак, ѝ останало да плаќа сметки, да управува со имотите и да се грижи за иднината на децата, или ако сакате, да го одржува животот доволно стабилен, за Толстој да може на раат да кризира. На крај, почнал да ја гледа нејзината практичност како алчност, а таа неговото „просветлување“ го гледала како суровост.

Нивните дневници од тоа време се болни за читање - двајца некогаш неразделни соработници заробени во меѓусебна огорченост.

Во октомври 1910 година, осумдесет и две годишниот Толстој ја напуштил нивната куќа во сред ноќ, во придружба на својот лекар и најмладата ќерка, решен да побегне од сè. Стигнал само до железничката станица Астапово, каде што заболел од пневмонија. Кога Софија пристигнала, неговите следбеници, меѓу кои и ќерката Александра, не ѝ дозволиле да му пријде, тврдејќи дека нејзиното присуство ќе го вознемири.

Со денови чекала надвор, на студ, додека новинарите го документирале „светиот крај“ на големиот писател. Конечно ѝ било дозволено да влезе - но Толстој веќе бил без свест. Починал на 7 ноември 1910 година. 

По 48 години посветеност, Софија Толстаја, жената што ги препишувала неговите ремек-дела под светлина од свеќа, стоела надвор од железничка станица, исклучена од смртниот час на човекот за кого живеела.

А ни историјата не е ништо поарна кога ќе забележиме колку ја нема во неа. Децении наназад, таа била прикажувана како огорчена, алчна сопруга што го мачела генијот. Дури неодамна, преку нејзините дневници и писма, почна да излегува вистината: Софија Толстаја била бистра, духовита, способна - и преморена.

Го сакала Толстој и му се лутела. Го поддржувала неговиот гениј додека нејзиниот останувал незабележан и не била негативец, туку жена со извонреден ум, принудена да живее во сенка од ограничувањата на своето време.

Нејзините записи откриваат жена со остар увид која го забележувала лицемерието на Толстој (проповеда сиромаштија, а живее од нејзиното управување), ги бележела породувањата и загубите, ја споделувала својата осаменост и замор, и сепак изразувала љубов кон човекот што го обликувал нејзиниот живот.

Толстој бил гениј. Но без Софија, тој гениј можеби никогаш немало да го допре светот во обликот што го знаеме. Таа не ги напишала романите, но ги направила возможни; го создала редот, стабилноста и ресурсите што му требале за неговиот творечки хаос да стане уметност.

Кога читате Војна и мир, ги читате зборовите на Толстој, но и илјадниците часови на неплатена, непризната работа на Софија.

Софија Толстаја има суштинска заслуга во животот и делото на Лав Толстој и иако не се работи за авторство, се работи за сè што го прави авторството можно: препишување, уредување, организирање, зачувување.

Значи не сенка - туку темел.

извор

24 октомври 2025 - 10:46