Изгледа се подзаборави дека секоја генерација мора одново да учи сè. Знаењето и културата на една цивилизација, за жал, не се пренесува генетски, туку во училиште, во клупи, со даскали на табла, со воспитни медиумски шамари за идеите кои, во име на слободата, овој свет би го оставиле без зрно слобода.
Елем, студентска група во Канада ја елиминирале песната "Walk on the Wild Side" на Лу Рид од нивен настан, затоа што содржела стихови кои ја навредувале транс-родовата заедница (?!).
Не само што ја скинале од плејлиста туку, иако немало никакви поплаки, по социјални мрежи почнале да се извинуваат што првично ја вклучиле и неа. А според нивното уважено и преглупо мислење, текстот на песната е проблематичен бидејќи ги „дехуманизира и фетишизира транс-родовите луѓе“ (ова нa таквите од прва им звучи како паметно) кои на едно место дури се нарекуваат и - сачувај боже - „диви“.
"Сега знаеме дека стиховите на оваа песна предизвикуваат болка кај нашите пријатели од транс заедницата и сакаме безрезервно да се извиниме за грешката во нашата проценка“, ничим изазвани помпезно соопштија од оваа група канадски комсомолци.
Пријатели на Рид велат дека колку и да биле блиски со него, не се сигурни дали тој денес би се скинал од смеење или од плачење на едно вакво „читање“ на неговата песна.
"Лу беше комплетно отворен за сите „креатури на ноќта“. Токму за тоа е оваа песна, за секој да прави тоа што сака, за одење по дивата страна. Албумот се вика Transformer. Што ли мислат тие, за што пее тој на албумот?, не можеше да се изначуди за Гардијан една негова пријателка.
А текстот на „проблематичната песна која нанесува болка затоа што ги дехуманизира и фетишизира транс-родовите луѓе“ всушност е посветена на пријател(к)ите на Лу Рид од студиото Фектори на Енди Ворхол, меѓу кои и транс-актерските икони како Холи Вудлоун и Кенди Дарлинг.
Ќе ги видите во следново видео на Walk on the Wild Side:
Нека им го.