Невидлива GPS битка на Блискиот Исток

Мала е ползата од проектилите и бомбите, колку и да се „паметни“, ако противникот во војната ги прикрие координатите на подвижните цели. Но иранско-американската пресметка за попречување на електронските сигнали во Персискиот Залив го зголемува ризикот од судари на бродовите, кои без прецизни податоци од GPS системите практично пловат на слепо.

На екранот на кој се следи поморскиот сообраќај во водите околу Иран, бродовите се неприродно концентрирани во наизглед совршени кругови. Но, ниту еден во реалноста не е на позицијата прикажана на екраните. Некои се гледаат како навлегле на копно. Нивните координати се изместени со системи за електронско попречување.

Стигнав до 35 посебни кластери... Стотици и стотици бродови, сите се на погрешно место, вели Мишел Визе Бокман, аналитичарка во поморска разузнавачка служба, додека ги проверува позициите на сигналите што во реално време ги емитуваат комерцијалните бродови во Персискиот Залив. 

И лани при 12-дневната војна помеѓу Израел и Иран биле блокирани Системите за автоматска идентификација на бродовите преку сателитската навигација ГПС во Ормускиот теснец. Блокадата на сигналите секојдневно се користи во војната во Украина. Електронското попречување неодамна вознемири капетани на бродови во Балтичко Море, а лани во септември „жртва“ на попречување беше и авионот на претседателката на Европската комисија.

При актуелната војна во Иран, блокадата на сигналите покрива многу поголема површина и огромен број бродови. 

Ова е повисоко ниво. Не можеме да ја прецениме огромната опасност за безбедноста на поморската навигација, предупредува Бокман.

Бродовите меѓусебно разменуваат сигнали за да избегнат судири при пловидба, особено во тесни канали како Ормускиот проток. На танкер долг 300 метри што носи стотици илјади тони нафта му се потребни многу километри за да запре или да го промени курсот.

Ризикот значително се зголемува ноќе или при слаба видливост. Не знаете каде одите ни каде се движат сите други, објаснува Алан Вудворд од Универзитетот во Сари.

Никој не ја презема одговорноста за попречувањето на сигналите на Блискиот Исток. Западни офицери ја обвинуваат иранската Револуционерна гарда, која се закани дека ќе го нападне секој брод што ќе се обиде да помине низ Ормускиот теснец. Но, и американските сили во регионот користат системи за блокирање за да ги заштитат своите бази, персоналот и бродовите од иранските беспилотни летала што се наведувани од Глобалниот сателитски систем за навигација (GNSS) или од GPS.

Клучниот проблем е тоа што сигналите на GPS се многу слаби и лесно може да се попречуваат. Без подобра заштита сателитскиот систем во својата сегашна форма веројатно ќе биде неупотреблив во кризни подрачја. Рамзи Фарагер, директор на Кралскиот институт за навигација, предвидува дека ќе бидат воведени побезбедни алтернативи, слично на домашните мрежи за Wi-Fi, кои некогаш беа целосно отворени, а сега се заштитени со лозинки. 

Сегашните технологии кои нудат заштита од GPS блокирање не се доволно прецизни. Британската одбранбена компанија Raytheon произведува уред со големина на плочка, кој може да се инсталира на секакви возила, од автомобили до авиони, и кој автоматски користи повеќе канали на фреквенција за да го надмине блокирањето. Австралиска фирма нуди уред што точно ја одредува позицијата врз основа на отчитувања од жироскопи и акцелерометри. Се развиваат и алтернативни системи за навигација врз основа на магнетното поле на Земјата или на позицијата на ѕвездите - како древните морепловци.

11 март 2026 - 10:39