Трамп тргна во војна со Иран затоа што Џаред Кушнер е будала

Со задоволство го преземаме насловот од Newrepublic од статијата што објаснува како главните преговарачи го убедиле Трамп за „нуклеарната закана“ од Иран. Кушнер и Виткоф, кои немаат поим од нуклеарна технологија, на преговорите настапиле како експерти и заклучиле дека Иран складирал критично количество збогатен ураниум во реактор за цивилни цели, изграден од САД.

Поминаа речиси две недели откако Трамп ја почна војната против Иран, а неговата администрација сè уште не објавила докази со кои би го оправдала аргументот што сега важи за главна причина за нападите – дека Иран е на прагот да развие нуклеарно оружје. Во тоа Трамп го убедиле Џаред Кушнер и Стив Виткоф, кои на преговорите во Женева за нуклеарната програма за Иран инсистирале да настапат сами, без придружба од нуклеарни експерти.

Не би рекол дека сум експерт за нуклеарна енергија, но научив доста. Проучував и прочитав доста за тоа и компетентен сум да седнам на маса и да дискутирам за тоа. И Џаред е исто така, неодамна одговори Виткоф на критиките дека преговарал за тема на која нема врска.

Оправданието за војната се врти околу иранскиот реактор за цивилни истражувања и медицински потреби, изграден од САД во 1967 година, во рамките на програмата Атоми за мир на тогашниот претседател Двајт Ајзенхауер. 

Само 36 часа пред САД да ги истрелаат првите проектили, иранските преговарачи заедно со министерот за надворешни работи на Оман како медијатор, презентирале предлог-договор од седум страници, во кој прифатиле да се откажат од резервите на збогатен ураниум, но побарале истражувачкиот реактор да продолжи да користи ураниум збогатен до 20%. Виткоф и Кушнер тоа го оцениле како доказ дека реакторот е параван за складирање материјал за нуклеарни бомби. 

Експерти за тематиката, ама вистински, тврдат дека истражувачкиот реактор всушност не може да работи со поинакво гориво.

Активен оперативен реактор не може да се користи како складиште. Не знам тоа некогаш да се случило, вели пензионираниот нуклеарен физичар Клаус Монтонен, член на Меѓународната мрежа на инженери и научници за глобална одговорност.

Елена Сокова, директорка на Виенскиот центар за разоружување, објаснува дека истражувачките реактори немаат капацитет за збогатување ураниум, без разлика дали се за цивилни или воени цели.

Откако почна војната, Виткоф тврдеше дека Иран собрал 460 килограми ураниум збогатен до 60%, доволно за да направи 11 бомби во рок од неколку недели. Волстрит џурнал објави дека Иран има ураниум за 12 бомби.

Но, Иранците во Женева прифатиле да го предадат тој ураниум, потврдил за MS NOW дипломат од Блискиот Исток. Делегацијата објаснила дека Иран почнал да збогатува ураниум дури откако Трамп во 2018 година еднострано се повлече од нуклеарниот договор.

Виткоф, исто така, тврди дека Рафаел Гроси, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), на последната рунда од преговорите потврдил дека Иран „го складирал целото гориво од истражувачкиот реактор“.

Како што јавно потврди МААЕ, Иран складирал збогатен ураниум речиси до степен на оружје, додека одбиваше сериозни преговори со САД. За среќа, претседателот Трамп никогаш нема да дозволи земја што скандира ‘Смрт за Америка’ да се здобие со нуклеарно оружје. Операцијата Епски бес ефикасно ги уништува нивните можности за тоа, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.

Дипломат од Персискиот Залив изјави за MS.NOW дека ова е спин.

Ова едноставно не е вистина. Виткоф целосно го извади од контекст разговорот во присуство на Гроси, изјави дипломатот.

11 март 2026 - 16:26