„Илјада забележителни нешта“ на англискиот автор Томас Луптон прв пат се појавила во 1579 година. Книгата содржела околу илјада кратки записи, наредени без некој посебен тематски ред. На едно место можело да се прочита како да се спречи расипување на виното, веднаш потоа приказна за куче верно на својот господар, а потоа совети за поправка на скршено стакло, отстранување акни, слабеење, рецепти за колачи или толкувања на астролошката иднина. Имало и необични народни верувања: за оние што имале проблеми со спиењето се препорачувало челото да го тријат со мешавина од семе од бел афион и буника (дајте од тоа!), додека на оние што се сомневале дека се урочени им се советувало под перницата да остават перо наполнето со жива. Денес ваквите рецепти звучат не само неверојатно туку и опасно – буниката и живата се отровни – но во тоа време тие биле дел од достапното знаење за човечкото тело и природата.
Но многу поинтересно од ова е начинот на пласирање на информациите. Луптон добро разбирал што ги привлекува читателите - во предговорот објаснил дека е подобро човек да се нахрани со многу различни и необични информации отколку предолго да биде „хранет со една иста храна“, односно со една цела книга посветена на една тема. Оваа формула се покажала како исклучително успешна. Неговата книга доживеала најмалку 33 изданија и останала во печат сè до 1827 година. Успехот бил дел од пошироката европска мода на таканаречените „книги на тајните“ – практични збирки со упатства за козметика, алхемија, подготовка на пијалаци, пчеларство, лекување и најразлични домашни вештини.
За тоа колку книгата била читана и користена сведочат и примероците што преживеале до денес. Некои од нив се полни со мали крстчиња, подвлекувања и забелешки оставени од сопствениците. Во еден примерок од 1612 година, денес зачуван во библиотеката на Универзитетот во Глазгов, читателот ги означувал пасусите за срцеви проблеми, чиреви, исхрана и стомачни тегоби. Друг примерок, од 1706 година, содржи ознаки покрај 38 претежно медицински совети, меѓу кои и рецепти за главоболка, забоболка, воспалени очи, отежнато дишење и несоница. Во еден друг примерок, сопственикот посебно ја означил приказната за германски селанец кој умрел во страшни болки во слабините. Кога хирургот го отворил неговото тело, наводно пронашол големи парчиња дрво и четири челични ножеви, а несреќата му била припишана на ѓаволот. Овие мали траги покажуваат дека книгата не била само збирка необичности за разонода, туку и практичен прирачник во кој луѓето барале одговори за сопствените грижи.
Интересно е што и во 16 век постоеле критичари кои стравувале дека масовната забава, површното читање и постојаното префрлање од една информација на друга го расипуваат умот. Денешната загриженост за „мозочната трулеж“ предизвикана од Тикток очигледно има свои историски претходници. Но Луптон имал пооптимистички поглед: пишувањето на разбирлив англиски јазик, наместо на учен латински, им овозможувало и на обичните читатели да дојдат до знаења за кои инаку би им биле потребни цели библиотеки.