Приказната за Кармен првпат ја раскажува францускиот писател Проспер Мериме во истоимената новела, објавена во 1845 година. Триесет години подоцна, композиторот Жорж Бизе, заедно со либретистите Анри Мејак и Лудовик Алеви, ја претвора во опера. Операта премиерно е изведена во Париз на 3 март 1875 година и од тогаш има доживеано бројни поставки. Но она што многумина не го знаат и оттаму имаат погрешна претстава за ликот и воопшто за содржината на операта е - на крај Кармен е убиена од маж опседнат од неа.
Во новелата, приказната ни ја пренесува патеписец кој го запознава Дон Хозе и ја слуша неговата исповед. Овој раскажува како од војник станал одметник, како се вљубил во Кармен, како ѝ се придружил на групата шверцери и како постепено станал опседнат со неа. Кармен е омажена за друг маж, Гарсија, кого Хозе подоцна го убива. Таа продолжува да се среќава со други мажи, а кога ќе посака да ја прекине врската со Хозе, тој не може да го прифати тоа. Ѝ нуди заеднички живот во Америка, но таа одбива. Повеќе сака да умре отколку повторно да живее со него. Хозе ја прободува со нож, ја закопува во шумата, а потоа самиот им се предава на властите.
Во операта приказната е поинаку организирана. Ги нема ниту раскажувачот ниту сопругот на Кармен, а се појавуваат ликови што ги нема во новелата, меѓу кои Микаела – девојката од родното место на Хозе, која претставува контраст на Кармен, и Ескамиљо, тореадорот во кого таа се вљубува. Во завршната сцена, додека толпата во арената го слави успехот на Ескамиљо, Кармен останува надвор со Хозе. Тој ја моли да му се врати. Таа одбива, му го враќа прстенот што ѝ го подарил, а тој ја прободува. Додека во арената се слави победата, надвор се случува убиство.
Оваа сцена е особено важна. Кармен не е убиена затоа што го изневерила Хозе, ниту затоа што се вљубила во друг маж. Таа е убиена затоа што одбива да му се врати. Нејзиното „не“ станува неподносливо за човекот кој ја доживува нејзината љубов како нешто што му припаѓа нему.
Токму тука, од денешна перспектива, можеме да ја читаме приказната како претстава на фемицид - термин кој е е современ и не е јазикот со кој Мериме или Бизе ја опишувале приказната. Но тој ни овозможува да го погледнеме крајот на Кармен надвор од вообичаената рамка на љубомората и несреќната љубов. А токму така вообичаено е разбрана „Кармен“ - како приказна за страст, за маж кој не можел да поднесе дека ја губи жената што ја сака. Таквото раскажување лесно го претвора убиството во трагичен, речиси романтичен завршеток на една бурна врска. А всушност, Хозе ја убива Кармен убива затоа што не може да прифати дека таа има право да избере поинаков живот.
Има уште една интересна противречност во начинот на кој ја паметиме Кармен. Таа често се претставува како олицетворение на женската слобода, но истовремено е обликувана преку стереотипот на заводливата, темпераментна и опасна „фатална жена“ – жена чија сексуалност наводно ги излудува мажите и носи несреќа. Нејзината независност така лесно се претвора во нејзина вина. Како да е самата одговорна за насилството што го трпи.
Дополнително, Кармен е Ромка, а и Мериме и операта ја обликуваат преку егзотизирачки претстави за Ромите, типични за европската култура од 19 век. Во новелата ова е особено видливо во четвртиот дел, во кој авторот изнесува етнографски забелешки за ромскиот јазик, обичаите и карактерот – забелешки што денес се читаат како полни со предрасуди. Така, Кармен не е само жена која не се вклопува во очекуваните родови улоги, туку и лик конструиран како „друга“, егзотична и наводно опасна жена.
Затоа, да ја слушнеме хабанерата уште еднаш, со други уши.