
Бразилскиот Конгрес го суспендираше мораториумот за одгледување соја, што потенцијално им овозможува на земјоделците да „грабнат“ десетина милиони хектари од амазонската прашума.
Бразил е најголемиот извозник на соја во светот. Мешунката, која се користи главно за храна за животни и риби, е една од најшироко одгледуваните култури во Бразил и претставуваше огромна закана за уништување на шумите на амазонските дождовни шуми сè до воведувањето на мораториум во 2006 година. Договорот беше компромис на земјоделците, екологистите и меѓународните прехранбени компании како Каргил и Мекдоналдс.
Во изминатите 19 години мораториумот беше прогласен за успешна приказна за зачувување на Амазонија. Се проценува дека се спасени шуми на површина од околу 17.000 квадратни километри.
Гринпис Бразил го нарече потегот „ужасна грешка“ како резултат на политички притисок од регресивните крила на агробизнисот.
Без мораториумот сојата повторно ќе стане главен двигател на уништувањето на шумите во Амазон, изјави координаторот во групата, Кристијан Мацети.
За помалку од три месеци Бразил ќе биде домаќин на самитот за климата КОП-30. Владата на Луиз Инасио Лула да Силва ја организираше во Белем, токму во Амазонија, за да се истакне како пример за борбата против уништувањето на шумите.
Одлуката за укинување на мораториумот ја усвои Конгресот, врз кој лобито за агробизнис има големо влијание. Најголемиот политички притисок доаѓа од сојузната држава Мато Гросо, центарот на индустријата на соја, која лани ги укина даночните олеснувања за компаниите вклучени во мораториумот.
Индустриската група Апросоја Мато Гросо го поздрави укинувањето на мораториумот како „историската одлука против договорот без правна поддршка што им наметнуваше нефер трговски бариери на земјоделците“.