Славој Жижек:

„Ограничената воена операција“ на Доналд Владимирович Трамп

Немам ништо против апсење на криминален лидер, но тоа апсење мора да се базира на јасна меѓународна правна рамка. Во идеален свет, треба да почнеме со апсење на Путин, Нетанјаху и самиот Трамп. Заедно со Мадуро, сите тие треба да делат иста ќелија во Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Затоа, одговорот на прашањето „Кој е полош, Трамп или Мадуро?“ гласи: „И двајцата се полоши“.

Додeка нашите медиуми се преплавени со детали за тоа како било организирано апсењето на Мадуро и неговата сопруга, вреди да се фокусираме колку необична е ситуацијата: Венецуела сега е де факто окупирана а земјата ја управуваат истите власти.

Не е изненадувачки што Трамп ги игнорира барањата на проамериканската венецуелска опозиција да игра клучна улога во новонастанатата ситуација - САД сакаат да ја „управуваат“ земјата надвор од која било меѓународна правна рамка (без разлика дали станува збор за окупација или нешто друго...), и е многу значајно што се чини дека претпочита да соработува со потпретседателката на Мадуро, Делси Родригез (доколку ги спроведе американските барања), отколку со главните опозициски личности.

Зошто толку чудно однесување? Одговорот е едноставен: САД не се заинтересирани за демократија или интересите на народната волја. Трамп зборува за неодредено владеење со земјата - што значи владеење со неа доволно долго додека целосно не се колонизира, со контрола и експлоатација на нејзините природни ресурси. Затоа САД ќе бидат „многу силно вклучени“ во венецуелската нафтена индустрија. Трамп веќе ветува дека „ние“ (САД) ќе им продаваме огромни количини нафта по ниски цени на нашите сојузници; враќањето на власта на народот во Венецуела е изедначено со нова колонијална експропријација на нејзините огромни природни ресурси.

Во 1976 година, владата на Венецуела (пред Чавез) ја презеде контролата врз нафтената индустрија во земјата, национализирајќи стотици приватни компании и средства во странска сопственост, вклучувајќи проекти што ги водеше американскиот гигант ЕксонМобил. Во 2007 година, Чавез, основачот на социјалистичката држава на Венецуела, ја презеде контролата врз последните приватно управувани нафтени операции во појасот Ориноко, каде што се наоѓаат најголемите нафтени полиња во земјата. Белата куќа деновиве соопшти дека операцијата за апсење на Мадуро и неговата сопруга била оправдана и со фактот дека Венецуела „украла“ американска нафта. Како може една земја да ја украде сопствената нафта?

Трамп сака Венецуела да им ги врати на САД национализираните средства на американските нафтени компании, но Венецуела ги изврши повеќето од своите национализации долго пред ерата на Чавез, кога се сметаше за „нормална“ западна демократија. Она што Венецуела го направи тогаш беше дел од процесот со кој нациите ја преземаат контролата врз сопствените природни ресурси.

Треба да се вратиме два века назад, кога Хаити ја доби својата независност преку успешна побуна на робовите - но цената што ја плати за тоа беше ужасна. По две децении ембарго, Франција воспостави трговски и дипломатски односи под услов Хаити да плати 150 милиони франци како „компензација“ за изгубените робови. Оваа сума, приближно еднаква на годишниот француски буџет во тоа време, подоцна беше намалена на 90 милиони, но сепак претставуваше огромен товар што спречуваше каков било економски развој: на крајот на 19 век, Хаити трошеше 80 % од својот буџет за да ја плати Франција а последната рата беше исплатена во 1947 година. Кога во 2004 година, по повод 200 годишнината од независноста, претседателот Жан-Батист Аристид побара од Франција да ја врати таа изнудена сума, неговото барање беше категорично одбиено од француската комисија (чиј член беше левичар). Така, додека американските либерали ја разгледуваат можноста за репарации за Афроамериканците за ропство, хаитското барање за враќање на огромните суми што поранешните робови мораа да ги платат за да им се даде слобода остана игнорирано од либералното јавно мислење. Иако изнудата тука беше двојна: робовите прво беа експлоатирани, а потоа мораа да платат за признавање на нивната тешко стекната слобода.

Ви звучи сето ова познато? Да се потсетиме на скандалозната конфронтација во Овалната соба со Зеленски, кога Трамп и Венс побараа од него да покаже благодарност за американската помош за Украина и за неа да „плати“ со пристап за американските компании кон природните ресурси. Значи, повторно, ослободувате земја за да ја поробите економски - Русија источниот дел, САД западниот дел.

Затоа треба внимателно да ги следиме реакциите на Европа на киднапирањето на Мадуро: предвидливо, сите тие ја следат истата формула - Мадуро беше криминалец кој заслужуваше да биде соборен, но меѓународното право треба да се почитува (слично на типичната западноевропска реакција на израелскиот геноцид, сведена на изрази на загриженост за „израелските ексцеси“) - како САД веќе да не го прекршиле брутално меѓународното право... Со исклучок на Шпанија (Санчез), ниту една голема европска земја не го направи она што го направи Мамдани: недвосмислено го осуди американскиот чин. Да бидам јасен, немам ништо против апсење на криминален странски лидер, но тоа апсење мора да се базира на јасна меѓународна правна рамка. Во идеален свет, треба да почнеме со апсење на Путин, Нетанјаху… и самиот Трамп. Заедно со Мадуро, сите тие треба да делат иста ќелија во Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Немам илузии за режимот на Мадуро: веројатно е дека барем некои од обвинувањата за соучество во трговијата со дрога се вистинити и - многу поважно - тој го симболизира целосниот економски и социјален неуспех на „Боливарската револуција“, која фрли лоша светлина врз современата социјалистичка политика. Таа не само што ја потиснуваше либералната опозиција туку ги задушуваше и сите автентични левичарски критики. Тука нема „но“, нема додаток во стилот на „Венецуела на Мадуро сепак беше обид за социјалистичка револуција“. Првата задача на левицата денес не е да го осудува Трамп за неговиот злостор (кој беше сосема очекуван), туку да ги анализира причините зошто „Боливарската револуција“ толку катастрофално пропадна.

И покрај сето тоа, верувам дека киднапирањето на Мадуро и неговата сопруга, како и економската и социјалната позадина на тој чин, треба безусловно да се осудат. Тоа го враќа најтемното криминално минато на западниот колонијализам и, згора на сè, го прави тоа под маската на поддршка на демократијата.

Затоа, парафразирајќи го Сталин по којзнае кој пат, треба да се избегнува каква било релативизација или споредба.

Одговорот на прашањето „Кој е полош, Трамп или Мадуро?“ гласи:
„И двајцата се полоши“.

* Целата колумна на Жижек - овде

9 јануари 2026 - 10:20