Онлифанс го победи Холивуд за добивање визи

Американската специјална виза некогаш беше дизајнирана во земјата да донесе уметници од светска класа. Од апликантите се бараа светски достигнувања, важни награди и други параметри за докажување на нивните извонредни способности во областа на уметноста, филмот, музиката... Денес најбројни апликанти се оние од ОнлиФанс. Тие покажуваат број на фоловери и договори со брендови.

Визата O-1B има интересна историја. Првпат се воведува во раните 1970-ти кога Џон Ленон од Битлси се соочи со депортација. Тогаш законодавците сфатија дека американската имигрантска политика нема брза лента за елитен креативен талент. До 1990 година, визата беше формално кодифицирана за да се вдомат уметници со континуирано национално или меѓународно признание.

Денес сè повеќе ја користат многу поинаков вид „уметници“. Лица од  социјалните медиуми - особено креатори на ОнлиФанс - сега сочинуваат значителен дел од апликантите за визата O-1B, доскоро многу селективна и резервирана за лица со „извонредни способности“ во уметноста или исклучителни достигнувања во филмот и телевизијата.

Адвокати за имиграција велат дека повеќе од половина од нивните неодамнешни клиенти за O-1B се „онлајн креатори“, а не традиционални актери, музичари или визуелни уметници. Адвокатот од Мајами, Џо Бовино, процени дека приближно 65 проценти од неговите тековни случаи за O-1B се лица кои заработуваат преку платформи како што се ОнлиФанс, Инстаграм, ТикТок или Јутјуб.

За да се квалификуваат, кандидатите досега мораа да покажат исклучителни достигнувања преку важни награди или да исполнат повеќе критериуми како што се водечки улоги во истакнати продукции, широко медиумско признание, комерцијален успех и слично. 

Иако овие критериуми првично беа наменети за етаблирани изведувачи, денес инфлуенсерите го користат бројот на следбеници, партнерствата со брендови и приходите од платформите како доказ за својата „извонредност во индустријата“.

Мајкл Валдас е адвокат специјализиран за имиграција. Неговиот татко е оној што своевремено го застапуваше Џон Ленон. 

„Знаев дека деновите на застапување икони како Бој Џорџ и Шинед О’Конор се завршени“, вели тој и признава дека во неговите случаи доминираат „кралевите и кралиците на скролот“.

Некои правни експерти се загрижени за долгорочните последици на ваквиот тренд апликациите за виза да се темелат на метрики од алгоритми. Како што тоа станува нормално, така уметноста сè повеќе ќе се третира како семафор со резултати.

Од 2017 година до сега, САД издале над 125.000 вакви визи.

9 јануари 2026 - 15:50