Не оти поверував дека овие луѓе би можеле да издржат по цел ден дремење во парламентарните клупи, ниту пак дека се нешто посебно воодушевени од собраниското бифе. Ама, барем на ниво на социолошки експеримент, нивните настапи можеа од предизборието да направат еден весел и вербално живописен период, каков што тој секако не беше. Тие ќе си го кажеа своето, ние ќе се забавуваме, и знаејќи дека сигурно не мислат да нè застапуваат вакви какви што сме – пак немаше да гласаме за нив. И волкот сит, и народните избраници на број.
Има ли поинаква опција за општествено делување освен да се кандидираш на избори? Се брои ли како политички ангажман ако воспитуваш деца во градинка, отпушуваш водоводни цевки, шиеш венчаници или ако секој ден пензионерски си метеш пред куќи? Прогласувајќи ја политиката за професија, и сфаќајќи ја смртно сериозно, забораваме дека политичарите пред да седнат во пратеничките клупи биле „обични" граѓани - доктори, сметководители, професори, можеби земјоделци или домаќинки. Сите тие кога ќе станат политичари почнуваат да се занимаваат само со таа, една политичка работа, и веќе не лечат, не садат и не готват. Дури и да имаат и други раскошни таленти и интересни афинитети, тоа не им се познава, бидејќи државничките и партиските прашања секогаш ги ставаат пред степувањето или сликањето акварели. Така, фото роботот на просечниот политичар е еден крајно напнат, ограничен и досаден човек, ослободен од бремето на хуморот и прангите на луцидноста, а западнат во тешки мисли за влезот во ЕУ и НАТО. Агенциските вештаци можат да ви кажат дека ленено сако не иде со волнена чорапа, и дека не е баш добро да копате нос дур сте во кадар, но не можат од вас да направат живописен лик како еден Хрушчов или Черчил. За тоа друго школо се учи..
Кога политичарите не ги бива, ситуацијата мораат да ја вадат оние кои нив ги коментираат. Мислиме на оние новинари, аналитичари, блогери и колумнисти со редок талент „да цедат смеа од ужасот, да пронаоѓаат бисери во свињарник, од фрустрацијата да направат катарза". Во Македонија такви се бројат на прсти, и фала богу што е така. Некој треба нели и да работи, а не само ко оние двајцата од Мапет шоу сеирџиски да дофрла од балконот. Аман и од интелектуалци-баби, кои дур селото гори, задумани во мониторите ја разглобуваат тешката дилема: дали е денов за вол пејпр со водопади, или со песочни плажи? Но има и такви чиј збор тежи како камен околу шиите на оние на кои им е критички упатен, не само затоа што тој е забавен или досетлив, туку пред сè затоа што е непоткуплив, правичен и чесен.
Додека го пишувам ова тастатурите на нашите колумнисти чадат, коментирајќи ги вознемирувачките постизборни настани. Кога ќе дојде ред нивните текстови да излезат во книга ние ќе живееме некое друго, дај боже посреќно време. Но нивниот удел во „неофицијалната" историја на нашата култура, значењето на она што тие го кажале, и уште повеќе, на она што тие можеби го премолчале, ќе бидат големи. Колумната само навидум е лефтерен жанр. Онаа добрата, исто како и историјата, може да биде магистра витае.
Токму такви се колумните на Борис Дежуловиќ, хрватскиот новинар и писател, некогашен соборец на Луциќ во Ферал Трибјун, и веќе дваесет години колумнист во хрватските неделници и дневни весници.„Како е уште жив овој човек?", си викам понекогаш читајќи ги неговите текстови, кои беспоштедно ги рендаат сите кои тоа си го заслужиле – од покондираните медиумски личности, политичарите (особено оние радикално десните), верските великодостојници, разните хрватски угледници. Со оглед на трагичната судбина на некои негови хрватски колеги, чии пера за жал се покажаа послаби од мечот, прашањето и не е само реторичко. Неговиот „срање детектор" е можеби чувствителен и на најмали нијанси, но кога сака Дежуловиќ знае да биде и крајно лиричен. Мене додуша засекогаш ме освои со текстот–исповед за неговата борба со ракот на тестиси, под наслов „Смеата ми помогна да го победам ракот", и со поднаслов – „Дали туморот е добромуден?". Маж кој толку отворено и духовито зборува за најосетливата територија на неговото тело, истовремено опишувајќи сцени на мачна хемотерапија, мора да има муда. Макар и останал без едното, негово радикално лево.
Во прилог колумна на Дежуловиќ од збирката „Црвено и црно" објавена 2010., а напишана во Глобус по повод 20-те години од создавањето на хрватската држава, исто онолку колку што нашата ќе слави на 8. септември. И тоа не е единственото што ги поврзува овие земји. Добро де, има и разлики. Како прво, Македонија нема море. Ама затоа тукушто отворивме реновиран базен. Во него пливачките сили ќе си ги мерат портокаловото и синото, додека ние, обичните, ќе тонеме.
* * *
ДВАЕСЕТ ГОДИНИ КАКО БЕГ, ПА БАНКРОТ
Борис Дежуловиќ
Не знам чуму сета оваа општа национална паника, како да е прв пат во историјата на човештвото некоја држава да постои, па да исчезне. Цели царства пропаѓаа, па сепак не беше крај на светот, историјата бележи и држави кои траеле и пократко од Република Хрватска. Имало, навистина, дури и хрватски држави кои траеле пократко од оваа. Не е тоа срамно. А не е ни најлошото што може човека да го спопадне. Во време на корпоративна глобализација реално поголема штета е да загубите мобилен со триста меморирани броеви, отколку една независна држава.
Имало, реков, и порано такви појави. Постарите читатели се сеќаваат на Бјафра, африканска државичка која во 1967. прогласи независност од Нигерија, траејќи потоа речиси цели три години, додека оние помладите ја паметат несреќната државна заедница на Србија и Црна Гора, која постоеше толку кратко што не стигна да испечати ни сопствен пасош. Уште пократко траеше малото африканско кралство Јужен Касаи, прогласено 1960. и расформирано една година подоцна, додека светскиот рекорд до денес го држи Република Карпато-Украина, која ја прогласи својата независност во среда, 15. фебруари 1939 наутро, за уште истата вечер Таткото на државата Авхустин Ивановиќ Волошин да избега во Прага, и да им ја препушти земјата на лутите Унгарци.
Не е значи Хрватска првата која амбициозно почнала во гранит да ја делка својата декларација на независност, која напишала устав, дизајнирала грб и знаме, сошила фудбалски дресови, испечатила пасоши и подврзала илјадугодишна историја во четири дебели томови, па со тешки зборови пред неа и пред неродените генерации се заколнала на славна вечност. За потоа, истата вечер, или дваесет години подоцна, сеедно, на брзинка во десет ковчези да го натрупа семејното злато и да избега за Јужна Америка.
А илјадагодишната држава на Хрватите се наоѓе точно онаму каде се наоѓала независната Карпато-Украина на 15. фебруари 1939, доцна попладне. Историските околности секако се малку поинакви, наместо Хитлеровите сојузници на граница демнат извршители со меници и истерувачи на долгови со безбол палки, но вербата во тешките зборови за славната вечност кај Хрватите е силна, токму како и кај Карпатоукраинските патриоти, онаа среда во пет попладне, додека на државното радио ја слушале најавата на утрешната голема државна свеченост со огномет и банкет, а низ прозорец ги слушале унгарските топови.
- Значи, ништо од утрешната парада? – малодушно извикнала од гардеробата госпоѓа Волошин, разочарано држејќи ја закачалката со новиот свечен фустан, и не забележувајќи дека во претседателската палата во Хуст одамна веќе нема никого, и дека мажот и' е веќе некаде пред Ужхород, на пат за Прага.
Така, ете, и славната Република Хрватска дојде до крајот. И' истече рокот на траење, оној „датум на пакување: 30.05.90, да се употреби до: 30.05.2010", напишан со ситни букви на дното на Уставот, кој немарните Хрвати никогаш не го гледаат, без оглед дали бираат јогурт или држава. На одговорните Јапонци државата им трае по илјада и пол години, на вредните Кинези и двојно подолго, а Хрватите, само во последните стотина години ги имаат потрошено шест.
Од друга страна, што имаат Јапонците и Кинезите од нивните држави? Стотици години р'мбаат и мочаат крв, по илјада години без ден годишен одмор, цели династии им минуваат без да го вкусат животот, алкохол последен пат пробале пред Конфучие, толку се уредни што црните дробови веќе не им лачат ензими на алкохол-дехидрогеназа. Затоа, подобро дваесет години на чекање како бег, отколку илјада години како работник во Тојота – ќе ви каже секој Хрват. И навистина, кога работите ќе се анализираат така, не може ништо да им се пререче. Арно и толку што им потрајала државата.
Како и да е, во овој миг, значи во среда попладне, Хрватска е од целосен финансиски, културен, морален и секаков друг банкрот далеку онолку исто онолку колку и унгарската војска од границата до Хуст. Државата е во четириесет и пет милијарди евра надворешен долг, најдоцна до шест часот тој значи ќе го достигне целиот бруто општествен производ, каматите ги враќаме со нови кредити, кои ќе ги враќаме со нови задолжувања, а дефицитот во однос на извозот и увозот веќе и не се мери заради опасноста по спелеолозите. Триста илјади млади, здрави луѓе ништо не работат, барем уште толку се во предвремена пензија, некаде од вечерва ќе има ист број на вработени и пензионери, секој ќе носи на грб негов личен пензионер, и негов личен банкар, и нема да се буни затоа што е три плати во минус. Никој ништо не произведува, никому ништо не плаќа, своите побарувања ги наплаќаат само уште лихфарите и бискупите.
Корупцијата има метастазирано во секоја поединечна ќелија на општеството, никој не сака да биде првиот кретен кој ќе работи на чисто, целиот државен апарат е едно големо родовско стебло, чудовишен мутиран баобаб под кој ништо не расте, ниту еден од 45,000 чиновници не смее на другиот да му даде отказ. Владата за тоа време се забавува со друштвени игри, решава ребаланси на буџетото како судоку, трошоците ги намалува укинувајќи ги агенциите за надзор и редукција на државните агенции, додека опозицијата нуди решенија за кризата молејќи го милиот Бог да ги загубат изборите, за да не мораат навистина да ја решаваат.
Економскиот банкрот, како и секогаш во историјата и насекаде во географијата, е следен со целосен морален распад на општеството. Културата е службено укината, а Хрватите фино оглупавеа, бегајќи од сопствениот разум во длабока индуцирана кома, тапо ѕурејќи во мексикански сапуници, реалити програми, ред карпети, експлозиви и ексклузиви, излегувајќи од дома само за да уплатат ливче во обложувалница, или да прослават победа на некое си романско или унгарско здружение на фудбалери, притоа бездушно прескокнувајќи ги труповите по улиците и плажите. Жените се гегаат на потезот Сигурна куќа – несигурна работа, мажите во гарсоњери под хипотека цела ноќ се караат на форуми со четници, или дркаат на аматерски снимки на интернет пред Јутјуб да ги скине, а децата им се поукаат и лајкаат на Фејсбук – веќе не се ни ебат, секоја година изумира еден цел Сисак луѓе, па веќе и унгарската финансиска полиција се прашува дали воопшто ќе затекне некого кога вечерва ќе дојде да ги запленува хрватските острови, планини, средовековните градови и останатите недвижности.
Во овој миг, во среда после пладне, Хрватска е како авион кој понира со цркнати мотори, а Хрватите веруваат во владините мерки за излез од кризата според кои патниците би можеле да се спасат ако миг пред ударот во земја – некаде еден метар над почвата – искокнат од авионот, бидејќи според сите пресметки и сознанија на владините стручњаци се уште не е забележано некој да погинал скокајќи од метро висина. Sic transit Gloria Croatiae. Да т'ибам, како да беше вчера кога Хрватите вртеа волови на ражен и мафтаа со знамиња додека му ставаа свилена лента на Туѓман, пеејќи со наросени очи "Још Хрватска ни пропала, док ми живимо!". Утринава во гранит ја делкаа нивната декларација на независност, го цртаа грбот, го пишуваа уставот и дебелата четворотомна историја, па пред неа и пред неродените генерации со тешки зборови се колнеа на славна вечност, па така колнејќи се и пеејќи не стигнаа ни до стихот „високо се буде стала док ми живимо" – а вечната Хрватска веќе пропадна, темелно опљачкана, осиромашена, гладна, девастирана, раскопана, бетонирана, болна, резигнирана и сјебана. Како во оној виц: „Мафтај со знаменцето, мафтај со знаменцето, маф...е јеби га!".
Ете колку им потраја на Хрватите државата: „голф двојка" од 1990 уште вози, и за него може да се добие куп евра, а Хрватска некому можеш да му ја увалиш само уште во квалификации за некакво светско првенство во нешто. Да им ја дадеш сега на Хрватите јапонската држава, таа не би ја дочекала ни Олимпијадата во Лондон. За некого, јеби га, баш и не се независни држави.
- Значи, ништо од парадата за Денот на независноста? – малодушно извикува Хрватот од гардеробата, разочарано држејќи ја закачалката со новите свечени униформи.
- Кога паѓа тоа? – одговараат од дневната извршителите, педантно попишувајќи го движниот и недвижниот имот.
- Осми октомври.
- Осми?!? Нема шанси.
(превод И.Ј.)