Каква е вашата врска со филмската индустрија, која можеби и никогаш не била особено топла. Дали е до тоа што вие сте се промениле, или се променила природата на мејнстрим филмската индустрија?
Мислам дека двете работи се имаат променето, и дека заради тоа се имаме разделено уште повеќе. Во Холивуд, барем тогаш кога јас снимав таму, имаше луѓе по студијата кои всушност беа личности. Можевте да ги разликувате еден од друг. Сега не го гледам тоа. Тоа се само сиви, уплашени луѓе кои се одржуваат без каква и да е желба во смисла на „ајде да пробаме нешто, да направиме нешто поинакво". Но, да бидам фер, во последниве неколку години не сум контактирал со кого и да е од студијата. Сепак, со оглед на филмовите кои ги прави Холивуд, јасно е што се случува. Тоа е одраз на реалниот свет, каде богатите стануваат побогати, сиромашните посиромашни, а средната класа е тотално истисната. За филмови какви што правам јас се потребни повеќе пари од едноставни филмови. Холивуд не се занимава веќе со вакви буџети, тие не постојат.
Студијата имаат две „ниши", а вие не спаѓаат ни во една од нив. Нема да правите „Трансформери" за 250 милиони. А тие мислат дека не сте ни за филм кој можеби ќе чини 40 милиони и ќе конкурира за Оскар, или кој е престижна книжевна адаптација. Не ви веруваат?
Јас ни себеси не би си верувал (се смее). Само сакам да го правам она што го правам. Дури не ни добивам сценарија од Холивуд. Ниту пак ги барам, затоа што знам какви ќе бидат. Не ме интересираат, па одбрав да талкам низ дивината уште едно 40 години. Ќе видиме како ќе оди.
Ги направивте „Временски бандити", „Бразил" и „Барон Минхаузен" во 80-тите, далеку пред компјутерски генерираната графика, а сега се наоѓате себеси во ера каде секој холивудски филм е или дистописка научна фантастика или фантазија. Дали сметате дека прв сте ја истражувале оваа територија, а никој не се сеќава на тоа?
Па, не знам. Стално си мислам дека би сакал да имам шанса во овие области, затоа што тоа е она што отсекогаш сум сакал да го правам и она што сум го правел на времето. Само не знам што е тоа веќе. Тоа се филмови - фантазии без супстанца и SF дистопии без интелигенција. Не знам што да коментирам освен дека сите тие изгледаат како меѓусебни клонови. А на луѓето им се допаѓа да ја гледаат истата работа повторно и повторно. Таа состојба на светот ме натажува. Сега многу повеќе сакаме некој да ни ги потврди ставовите, отколку да бидеме предизвикани, а тоа е тажно.
Знам дека сте се одрекле од американското државјанство пред околу 8 години. Сигурно ги следите вестите за Едвард Сноуден и целата работа со NSA. Дали ова има врска со тоа што не сакате повеќе да бидете Американец? Дали епизодата со Сноуден може да биде дел од ваш филм?
Едвард Сноуден е голем херој. Тоа што тој го направи е исклучително, а јас само знам дека имам повеќе среќа од него. Живеам во Англија, не во Русија. Бев пред месец и пол во Москва и колку и да беше интересно, посреќен сум тука. И да, тоа е дел од причините - заедно со Џорџ В. Буш и целата банда која сосема го реструктуираше она што е Америка - и Врховниот суд кој е толку неверојатно десничарски. Тоа е земја која во основа е владеена од корпорации, на сметка на граѓаните. Верувам во тоа.
* Целото интервју тука