Премиера на операта за Челини на Тери Гилијам

Приказна за креативен гениј кој е истовремено битанга и за лудилото на едно време? Магнет за Тери Гилијам, кој е специјализиран за тешки теми и за сложени продукции. Извадоци од неговиот дневник додека ја работел операта на Берлиоз, според автобиографијата на славниот Челини.

По успехот на првата соработка од 2011 со „Проклетството на Фауст", Гилијам е повторно на сцената на Англиската национална опера со нова продукција на ретко изведуваната „Бенвенуто Челини" на Хектор Берлиоз.

Со либрето направено врз основа на автобиографијата на славниот златар и скулптор од 16. век (издадена и на македонски во 2013, во рамки на едицијата Ѕвезди на светската книжевност), тоа е приказна за политички интриги и за љубовни драми, но и за грандиозноста на потфатите на Челини, кој според книгата и серијата од 1990 Una vita scellerata (со Макс фон Сидов и Бен Кингсли) бил нешто помеѓу креативен гениј, лажго, бизнисмен и багабонт.

Музиката на Берлиоз ги отсликува сите контрадикторности на историскиот контекст, но и на карактерот на Челини, па е оценета како „нехорерентна, бомбастична и тешка за изведба", што сигурно му било предизвик на Гилијам. Премиерата се случи на 5. јуни, на 17 имаше директен пренос на претставата во повеќе кино сали во светот, а последната изведба за оваа сезона ќе биде овој петок, 27. јуни.

(оригиналниот плакат за премиерата на операта во 1838)

Гардијан го замолил Гилијам да води дневник додека ја работи претставата. Првиот датум во него е 2011, што само покажува колку долг и макотрпен бил процесот. Еве неколку извадоци:

„септември 2012

Челини е некој за кого сонував да направам филм. Тој е исклучителен човек: единствениот ренесансен лик кој напишал автобиографија, брилијантен златар и скулптор, еден од најголемите на неговото време - но истовремено и багабонт и лажго. Правењето на скулптурата на Персеј, која сега се наоѓа во Фиренца, е кулминација на неговата автобиографија и на операта на Берлиоз. Обете се за креативниот процес, лудилото, очајот, за тоа како се заебуваш самиот себеси. Берлиоз, Челини, јас - тоа е како магнет.

мај 2013

Трикот е да најдеш начин како операва да ја направиш издржлива за публика од 21 век. Има прекрасна музика, но од драмски аспект се мачиш да сфатиш зошто треба да ти е гајле. Бавна, бавна приказна.

Појадувам на авион кон Лос Анџелес и сум опседнат во врска со увертирата. Трае 10 минути, предолго за публиката да чека да почне шоуто. Со помошничката Леа Хаусман одлучуваме да направиме огромна позадинска приказна - да ја направиме самата како опера, со овци, ридови, овчари, Челини патува кон Рим, се среќава со други скулптори, се вљубува во Тереза..

јули 2013

Ја отфрлив целата идеа со увертирата. Се уморивме и сфативме дека додека да почнеме сите ќе бидат уморни. А допрва следи опера од три часа.

ноември 2013

Ја ставам целата музика во компјутер и почнувам да кратам. Премногу е долга! Берлиоз ја пишувал кога имал дваесет и неколку години и ставал сè внатре, вклучувајќи го и кујнското лавабо. Станувам брутален. Се среќавам со музичкиот директор и диригент Ед Гарднер од Англиската национална опера и му кажувам дека сечам, за да има драмска смисла. Тој вели: „Не може, нема да има музичка смисла". Правиме некои компромиси, но има места каде тој не отстапува. Сепак не се откажувам.

....

23 мај 2014

Ова уништува сè друго во мојот живот. Нема бегање. Денес прв пат работам со дизајнерот на светло Пол Констанбл. Од време на време погледнувам нагоре и си велам: „Срање, што прават овие? Ова е ужасно! Зошто го прават тоа?" Изгледа како голем циркус. Сите напори ова да заличи на вистинска претстава ни пропаѓаат.

2 јуни 2014

Боже, ова е тешко. Размислуваме да направиме една најава пред премиерата, од типот „Работите нема да одат толку мазно. Можеби на моменти ќе мора да запреме". Сепак, има неверојатна енергија. Третата изведба ќе биде супер.

И за крај: филмот за Челини веќе не ми е на списокот желби. Го извадив од системот.“

Целиот дневник тука

Видеа во кои Гилијам го опишува неговиот однос кон операта и кон Челини. Првото е најживописно: