Schooled on the city sidewalks
Coldness at every turn
Knew I had to find the exits
I never, ever would return
Да имаше оваа рубрика онакви ѕвездички, овој филм ќе имаше пет од пет. За да го доживеете целосно можеби е најдобро однапред ништо да не знаете, како што не знаев ни јас. Ако сепак сакате да продолжите да го читате текстов, еве за што се работи.
Родригез, поет и музичар од Детроит, откако бил откриен во некоја биртија во работничките предградија кадешто настапувал од двајца продуценти, во 1970 снима албум, наречен „Студени факти" (Cold Facts), кој иако добива добри музички критики, не доживува никаква популарност. По една година снима и втор, „Доаѓајќи од реалноста" (Coming from Reality), кој поминува речиси незабележано. Легендата вели дека целосно разочаран, тој среде настап на сцената извадил пиштол (во друга верзија се полеал со бензин) и откако ги испеал следниве стихови: „Фала ви за времето/Можете да ми заблагодарите за моето/И потоа заборавете ме", се самоубил.
Ваквата судбина на Родригез изгледа некако уверлива, но само ако е погледната од Америка каде, како што покажува филмот, ниту тогаш ниту денес никој не знае(л) за него. Но ситуацијата со неговата слава во една друга земја е сосема различна. Додека во САД од необјасниви причини никој во неговите стихови не го препознал истиот оној сензибилитет и социјална ангажираност кои подоцна ќе бидат карактеристични за музиката на седумдесетите, во белите либерални кругови на Јужна Африка тој е - ѕвезда! Во тоа време, медиумите, па оттаму и музиката, во оваа земја се строго контролирани, отпорот кон апартхејдот се засилува, па стиховите на Родригез во врска со предрасудите, неправдата и експлоатацијата стануваат химни на една цела генерација, коja масовно ги купува или ги преснимува двата албума на Родригез, случајно донесени од Америка. Тој во Јужна Африка е поголем од Стоунси или Елвис, а единственото радио (државното) мора буквално да ги гребе плочите со неговите најпровокативни песни, за случајно да не отидат во етер.
Двајца обожаватели на Родригез од тој период, сопственикот на продавница за плочи Стивен Сегерман, кој има дури и прекар Шугар (според една од песните на Родригез, за Шугармен), и музичкиот новинар Крег Бартоломеу-Стридом, одлучуваат да спроведат сопствена истрага за тоа како е можно за Родригез во Јужна Африка да не се знае ништо освен она што го пишува на плочата (а не пишува скоро ништо), и каде одат парите од толкавата продажба на албумите, кои според проценката во последните дваесет години во Јужна Африка се продале во тираж од околу половина милион копии.
Следи долготрајна и возбудлива потрага на неколку континенти, која вклучува и посебна веб-страница отворена во 1997, под името Тhe Great Rodriguez Hunt. Но најголемото изненадување доаѓа по еден телефонски разговор со продуцентот на првиот албум на Родригез. Кога Стридом со жалење констатира дека да не умрел Родригез ќе можел да направи одлична кариера, продуцентов вели: „Како мислиш - умрел?."
Од тука натаму и вас ве зафаќа еуфоријата која во тој момент ги зафатила трагачите. Да, Родригез е остарен, но жив и здрав и со препознатливиот лик на стереотипен Џеронимо (иако човекот е Мексиканец), и дење-ноќе работи на реновирање, фрлање шут и градење покриви, без ронка разочарување од неговата неуспешна музичка кариера. Неговата скромност плени до коска - кога дознава за сопствената слава во Јужна Африка во ниту еден момент не го менува однесувањето, туку како вистински зен мајстор едноставно ја зема гитарата и со неговите три ќерки заминува на турнеја. Кога ги пречекуваат со лимузина на аеродромот во Кејп Таун, на членовите на семејството Родригез, кои во целиот живот имале сменето 26 адреси, секогаш живееле во беда но редовно оделе во музеј и во библиотеки (Родригез завршил и филозофија и два пати се кандидирал за градоначалник!), не им е ни на крај на памет дека автомобилот и возачот-телохранител е за нив. Шокот е уште поголем кога на првиот концерт се појавуваат повеќе од 5.000 луѓе, голем дел од нив сосема млади, кои во хор ги пејат песните на Родригез. „Ви благодарам што ме одржавте во живот", им се обраќа тој, радосен но никогаш не запаѓајќи во еуфорија, понизен и реален каков што бил отсекогаш.
После овој настан животот на многумина вклучени во потрагата која е сега заокружена се менува - една од ќерките на Родригез се мажи со возачот кој ги придружувал на нивното патување во Јужна Африка, Сегерман кој претходно имал златара отвара продавница за плочи, Родригез продолжува да одржува концерти и почнува да ги добива заслужените пари, кои ги дели на семејството и пријателите, и и пoнатаму се занимава со политички активизам, залагајќи се за правата на работниците како него. Но изгледа дека само неговиот живот останува сосема ист и покрај сите овие турбуленции. И инаку спокоен, тој само станува поспокоен. Затоа што е таму каде што треба да биде.
Илина, Букбокс