„Maксинг“ е збор на 2026 според Dictionary.com

Од изгледот и здравјето до работата, спиењето и дури одморот – во 2026 година се чини дека сè може да се оптимизира. А сега за таа опсесија постои и збор на годината.

„Maxxing“ е изборот на Dictionary.com за збор на 2026 година. Изведен од англискиот збор maximizing – максимизирање, односно извлекување на максимумот од нешто – изразот стана популарен меѓу генерациите Z и Алфа, а од интернет-сленг прерасна во начин да се опише речиси секој обид да се стане подобар, поуспешен, поздрав или попродуктивен.

Зборот може да се употребува самостојно или да се додава на други зборови за да означи дека нешто се прави до крај, со целосно искористување на можностите. Сакаш да го подобриш тренингот? Тоа е џиммаксинг. Се посветуваш на здравјето и негата на телото? Тоа е хелтмаксинг, под кој спаѓаат и трендовите протеинмаксинг и фајбермаксинг – настојувањето да се внесуваат што повеќе протеини, односно растителни влакна.

Но, максимизирањето одамна ги напушти границите на телото. Се зборува за „токенмаксинг“, односно сè поинтензивно користење на алатките за вештачка интелигенција. „Коузимаксинг“ се однесува на создавање што е можно поудобна и попријатна атмосфера за одмор. Дури и во политичкиот говор се појавува изразот „хоумлендмаксинг“.

Според Стив Џонсон, директор за лексикографија во групацијата која управува со Dictionary.com, зборот се издвоил токму затоа што се проширил низ различни области од животот. За разлика од некои интернет-изрази што стануваат вирални, но малкумина навистина знаат што значат, „максинг“ е лесно разбирлив: секој може да препознае желба да извлече максимум од нешто.

Dictionary.com го избира зборот на годината врз основа на анализи на пребарувањата, медиумски објави и трендовите на социјалните мрежи. Освен зачестеноста, важна е и културната порака што ја носи зборот – што открива за времето во кое живееме. Минатогодишниот избор, „6-7“ (види Букбокс објава за тоа тука), беше вирален израз чие значење многумина тешко го разбираа. „Maксинг“, напротив, се потпира врз идеја што речиси секому му е позната.

Иако денешната употреба е релативно нова, зборот има подолга историја. Изразите како „да ја достигнеш максималната граница на кредитната картичка“ постојат со децении. Во 1940-тите, математичарите и теоретичарите на игрите го користеле поимот „минимакс“ за стратегија што настојува да ги ограничи најголемите можни загуби. Подоцна, во игрите како Данџнс енд драгонс, се појавил изразот „мин-максинг“, кој означувал развивање на одредени способности на ликот до максимум, дури и по цена на занемарување на другите.

Меѓу другите кандидати за збор на годината биле „affordability“ – достапноста на производите и услугите во услови на растечки трошоци за живот; „data center“, односно центар за податоци, чиј број расте со ширењето на вештачката интелигенција; „unc“, сленг-израз за постара личност што е надвор од текот или премногу се труди да биде во тренд; и „odyssey“, збор за долго и исполнето патување, повторно актуелен поради новата филмска адаптација на Хомеровиот еп.

27 октомври 2026 - 13:55