
пишува: Владимир Љ. Ангелов, филмолог
Слаџ си замина дома пред мене и изгреа сериозно сонце. Ги запали крововите под мојот 40-катен хотел. Време е за шопинг. Каде? Варшава. Што? Плочи, се разбира. Гуглаш vinyl stores и тргнуваш во лов. Првиот дуќан, „Плакатон“, е во подземен премин до хотелот. Влегувам и внатре седи газдата. Некаде моја генерација. На бирото има чаша со вино и чади запалената цигара. Мириси на мојата младост. Сценографија пригодна за Хенри Милер или Хамет. Единаесет сабајле е. А што ќе биде до ручек, на пример?
Почнуваме муабет. Што те интересира?, вели. Му рецитирам три албуми: Вилко и Били Брег со Авенија Сирена, Марк Ланеган со Мастика и Ино/Бирн со Мојот живот во дивината на духовите. Последнава беше најбезбедна, претпоставував ќе ја има. За Вилко се сомневав и така и беше. Немаше чуено за нив. А Марк Ланеган го отвори муабетот. Му велам дека има најдобра работа на свет. Не се жалам, се смешка. Ама сега сѐ иде преку Дискогс. Дуќанот ми е занимација, вели. Откај си? Македонија. Имам еден албум од Македонија, го платив 1200 евра у Холандија на саем за музика. Поскапо од тоа платив само еден американски албум од Криејтив арт ансамбл (Creative Art Ensemble, New Horisont). Сакам импровизирана музика. Кој е македонскиот албум? Свингинг Мацедонија на Душко Гојковиќ (Dusko Gojkovc, Swinging Macedonia). Велам, Србин е. Ама влијанието на тој албум му е од македонската музика. Каков вештер сум си мислам, баш скоро читав текст од Ѕвездан крстен Swinging Macedonia за историјата на Скопскиот џез фестивал. Нели деновиве почнува/завршува.
Идам у втор дуќан. „Винил тамка“. Купишта плочи. Од таван до земја. Немаат ништо што барам. За плочи сум џимрија. Не знаат англиски. Третиот се вика Хеј Џо. Ме пречека дечко од без триесет години. И они немаат ништо од ова што го барам ама почнуваме муабет. Откај си? Македонија. Поранешна Југославија. Паѓа у несвест. Најмногу сакам југословенска музика од 80-тите, вели копиљов. И почнува со Акробата, Дисциплина, Идоли, Казалиште, Филм, некои Луна вели дека му се омилени заедно со Оргазам, на почетоците, до „Лисабон“. У Луна лупал Фирчи. Не сум ги заслушал на времето и он вика дека се најдобри. Оргазам, вели свиреле тука во 80-та. Онде, карши. Знам, велам, со Бригда кризиз. Слушај ги КОИКОИ. Подобри се од стариве, му велам. Малиов е стварно кул. Не купив ништо. Продавачите на музика заслужуваат многу повеќе од Хај-фиделити на Ник Хорнби. Го фаќам патот. Не купив ништо.
Во Варшава очигледно најпопуларни се американските смеш бургери. Во дуќанот Меси Џеси се чека редица од сабајле. Ако одиш пешки од левата страна, ризикуваш да попиеш воспитно-поправен лакт без пардон. Велосипедистите газат без предупредување ако си им на патека. Тргнав да ги прошетам варшавските паркови. Влегов во ботаничката градина. Еднаш една скопска флористка ми рече дека Водно е голема ботаничка градина зашто со пошумувањето по војната биле насадени 5000 видови дрва. Лага. Знам сега кога видов вистинска ботаничка градина. После тоа следеше Кралскиот парк или Кралски бањи. Лудница! Шопен бил протеран од Русите, нели, и кога умрел сестра му го шверцувала неговото срце во тегла (со коњак или вотка, зависно дали приказната ја кажува левичар или десничар) скриена во нејзиниот фустан. Сега некако го разбирам тој морбиден патриотски порив на Шопен.
Се запознав со Кристина, девојка на Павел, Полјак, колега од жирито. Пак, од кај си? Пак, од Македонија. Бев таму пред десетина години. Блазе си ти. Зашто? Пишувам поезија и бев во Струга. Ја оставив да ја каже својата тирада за тоа како странците биле на едно место, Македонците групирани на друго. За читањето поезија пред самите себеси и за бескрајните појадоци што се претворале во вечери. Оргии без секс. Месо и алкохол. Поезија сведена на основни животински пориви. Живо се сеќаваше на патувањето со брод до Свети Наум и кога нашиве глумеле натпревар во пишување песна за виното. „Бело, бело и ти ли си црвено?“ Песната на победникот ја забутале во пластично шише и го заџитариле во езерото. Женава е уште шокирана. Јас ѝ кажував посетата за Гинзнберг и дечко му, за Ерика Ј/Џонг и костумосаните, маслосани соцреалистички поети... Сцени добро опишани од Дубравка Угрешиќ ама со други ликови. Нејсе, и они не се цвеќиња. Дечко ѝ предава на факултет, а не знае за Фрајтагова пирамида. И другата членка на жирито не знаеше. Не знаеше (н)и за Варшавските тигри, полска архитектонска банда одговорна за нашиот МСУ. Работеле 30-тина години. Мислам дека ги исплашив малку. Со нивното незнаење или моето знаење не знам. Подоцна спонтано имав групно сликање со други гости на фестивалот. Филмаџииве инсистираа да се снима хоризонтално. Не за Инстаграм, него филмски. Вајдскрин е добар само за змии и погреби, реков. Ме укорија за морбидноста. Владимир бе! Викам не Владимир, Бладимир... и Штрохајм. Никој од еразмус, оксфорд, харвард карактериве не го препознаа цитатот. Веројатно не ни чуле за маестро Фон Штрохајм. Толку од современово образование.
Критичарите се крвопиите на индустријата. Никој не нѐ сака. Уште Волтер пишува за овие пијавици кога Кандид ќе стигне во Париз. Ама некој мора да го прави тоа, а и јас се декларирам како филмолог, па да почнам да ги делкам филмовите од официјалната програма. РАЗГОВОР СО МОРЕТО (Conversation with the sea, Палестина, Холандија, С. Арабија, Катар, р. Миајад Алајан) неодоливо потсетува на ТРИ АНИ на Бранко Бауер (1959). Иста финта. Татко наоѓа некој документ и тргнува да ја бара вистината за неговиот син што наводно се удавил во Црвеното Море пред 20 години. Тој верува дека синот е жив бидејќи не може да пронајде никаков официјален запис за неговата смрт. Кај Бауер таткото ја бара ќерката во моментите после Втората светска. Камал, таткото во РАЗГОВОР..., ја следи единствената преостаната трага за да докаже што се случило со неговиот син. На крајот ќе излезе дека Евреи ги чуле неговиот вљубен син и девојка како зборуваат арапски на плажа, ги затепале, ги збркале и овој бегајќи рипнал од док во морето и се удавил. Евреите, сите освен еден интелектуален кружок и една госпоѓа - сопственичка на ресторан кај што работел синот - се непријателски настроени кон Арапот. Не се сомневам дека е така. Добар филм. Јасно е, Арапите се жртва, а Израелците лоши и во овој филм е така. Нема лажење.
КОЦКА-ЧИНГОМАТ (Dice-ching-o-mat, Литванија, Латвија, Естонија, р. Kristijonas Vildžiūnas) е филм што нема бргу да го заборавам зашто не можам да се изначудам како овој Кристијонас досега успеал да сними шест филма. И само за тоа. Нема некоја филмографија, нема биографија, филмов беше снимен со буџет за кој нашиве продуценти би изеле лајна. Технички добро изведен, да не мислите дека филмот е прво одделение, ама вени да исечеш. Нема шанси претходните пет филма да му се подобри и нема шанси да гледам уште некој негов филм. Животот е прекраток. За овие филмови треба бенифициран, ама пошто ова ми е хоби, нели, и земам одмор кога идам на филмски фестивал, ништо од тоа...
ДУМАЊЕ (Doubt, Луксембург, Белгија, р. Thierry Besseling) е уште еден машки филм. Искушението т.е ѓаволот демне не само во световниот туку и во духовниот живот. Нит ора нит копа, нели. Младото католичко ѓаконче Жан одлучува да оди во луксембургшки манастир, за да избере дали да стане калуѓер или пастор. Но, да не се биде раат, со порше доаѓа добротворот на манастирот и буди вознемирувачки чувства во гаќичките на Жан и останува без избор зашто колегите калуѓери не сакаат постојано да си пазат на грбот. Жан почнува да го посетува паркот кај што се собираат дечките што бараат акција и го поставува прашањето, апсолутно легитимно, како тоа мажи хетеросексуалци може да бидат калуѓери во целибат, ама другиве не смеат. Нема да добие одговор. И филмовите не даваат одговори, прашуваат. Ме бендиса филмов, дефинитивно немам проблеми со сексуалноста. Филмот беше снимен фантастично, манастирската сценографија дефинитивно смирува, плус беше покриен со католичка музика и литургии. Глумциве пееја како славеи. Во овие филмови, сите знаат да возат скејтборди. Тоа се сериозни филмови. Немаше дублери. И не, нема да ме пишманат. Ни за едното ни за другото. Без гајле. Непоколебливо останувам на патот на хетеросексуалниот агностицизам.
Ретко гледаме филмови што не се копродукција. Иран е сам во својата идеологија. Исто како и САД. Со Иран и САД никој нејќе да си игра филм. ЌЕРКАТА НА Г-ЃА ФЕРИ (Lady Fairy's Daughter, Иран, р. Alireza Motamedi) е филм на Алиреза Мотамеди - режија, сценарио, главна улога, алфа и омега. Дали филмовите ги снима за пари или за женски не знам. Мислам дека е второво. Двете глумици се интересни и секси. Он е само интересен. Инаку, он има некоја неодолива фотогеничност. Како да гледаш мечиња како си играат во природа. Глуми дизајнер на звук и има тонско студио и мајка во кома. И има еден дух со кој се сретнал кога бил дете и посакал две желби што сега сака да ги смени. Филмот речиси да е снимен во еден декор. Некоја преубава иранска куќа. На крајот малку ќе излезат од куќата. Знаат Иранците да снимат добар филм во една куќа. Сте го гледале МОЈОТ ОМИЛЕН КОЛАЧ? Гледајте го. Овој? Ако ви налета дајте му десет-дваесет минути. Чудно е. Ќе видите.

Секоја чест за Вацлав Мархоул од Чешка т.н. режисер на бљувотината ИСПОВЕД (Confession, САД, Václav Marhoul). Вацлав собрал пари што филмот никогаш нема да ги врати и уште пред филмот му се курчи на продуцентот и му вика „Заврши со зборење? Толку беше?“ Роб Лоу, благо шатиран и фино поцрнет на калифорниското сонце, е руски професор фрлен во Лубљанка, малтретиран од неговиот бивш студент Џејмс Франко. Они Руси? Тешко. Во ќелијата професорот ќе го пречека единствената светла точка, Ник Нолти, подоцна ќе се појави и Џенифер Џејсон Ли. Филм снимен во 3-4 декори, на филмска лента, со бескрајно повторување на Пушкин и Достоевски и во кој на крајот главно е дека професорот го нашол Бога и моралното искупување. Иронично е што и самиот филм е пропаганден исто како советските од тоа време. Прилично соцреалистичен. Сурфнете го сценаристот/продуцент Бен Шапиро. Интересен лик. А можеше да биде Гробница за Борис Давидовиќ. Ама друго читаат Америте. „И камен ќе прозбори ако му ги скршиш забите“. Така беше? Е Данило, Данило.
Гжегорж Дебовски добро го испекол занаетот кај Павликовски. Во СТВАРИТЕ НА ДРУГИТЕ (What Belongs to Others, Полска, р. Grzegorz Dębowski) Касија има проблематичен дечко, ситен лопов и дубарџија. Ја тера да лаже и да краде. Него ќе го фатат, а она иде во станот што претходно го ограби и знае дека е празен затоа што го виде газдата обесен. Почнува да живее таму и почнува да се преставува како негова партнерка. Полека ќе дојде и до неговото семејство, некако го обединува и си наоѓа свое семејство. Филмот бил во официјална конкуренција на Венеција што е само по себе успех и за влезот во Венеција сигурно не е дека Павликовски им шепнал на селекторите. Ова секако беше еден од трите мои предлози на наградата ФИПРЕСЦИ заедно со ПРОКЛЕТИ МАЖИ (пишував за него во првото јавување) и ДУМАЊЕ (види погоре). Ама сепак, наградите се компромис со другите членови на жирито и наградата ја дадовме на ПРЕКУ ЅИДОТ (од третиот осврт). А овој филм, СТВАРИТЕ НА ДРУГИТЕ, заслужено ја освои големата награда на жирито и со тоа лапна триесетина илјади евра. Нека му се на здравје.
И за крај неколку впечатоци плус. Поштени се Полјаците кога велат комунистичкиот режим наместо советска или руска окупација, а кога ќе го спомнеш Тито, он е голем играч што знаел да балансира во тешки времиња. Во секој втор дуќан се продава мача. Да не се секирате. Вашата дневна доза мача е обезбедена. Има и чија. Ако не се разберете со некој Полјак џен добри е добар ден, вода питка е питка вода, варшавски фестивал филмови е варшавски филмски фестивал. Само свртете ги зборовите наопаку. Дет изи. Жена ми не рече да не заборавам да го спомнам девојчето собарка со ботоксирана уста (мислам дека беше иронична ама нејсе), згодничка и еластична. Измисливме илјада судбини за неа. Чувствувавме вина за она што го помисливме на прва топка и потоа замислувавме дека студира и работи за да си ги плати студиите, бегалка е од Украина, дечко ѝ ја искористува, татко ѝ е алкос, болна педантерија е и обожава да мести и чисти хотелски соби, има голема плата... И не знам дали се сеќавате на почетокот, ама кога влегов во Полска пред мене беше Белчо од Театар комедија, ми ја покажува сликата од пасошот и вика не знам дали ќе ме пуштат. Кај нас прекарите се даваат според презимето или по карактерна или физичка особеност. Белчо е албино. Бела коса, бела кожа. Сликата беше сликана на бела позадина и беше како белиот квадрат (Бело на бело) на Маљевич или некоја од Ротко. Џандарска модерна уметност. Слетав. Дочитање, драги читатели.
Варшава – Скопје, 9-19 октомври 2026