Наш човек на теренот

Репортажа од Варшавскиот филмски фестивал, ден 3: Пливањето не е за девојчиња

За сцените со секс користеле координатор за интимност (!). Да и тоа постои. Актерите изјавија дека координаторката за интимност била пратена од бога, актерот особено ја пофали нејзината улога во сцените каде што требал да маструбира.

пишува: Владимир Љ. Ангелов, филмолог

За да го фатиме редот, а сигурен сум и дека едвај чекате да ги читате моите премрежија со уметничките филмови следуваат 4 кратки рецензии на филмовите од третиот и четвртиот ден на Интернационалниот фестивал во Варшава, Полска. Полека привршувам. Уште едно/две јавувања и толку. Одморете после од мене.

Во ДЕТЕТО (The Child, р. Linda Olte, Латвија) триесет и седумгодишните Зане и Касперс навидум имаат сѐ – љубов, кариери, дом и заеднички хобија. Имаат бордер коли што се вика Изи, куќа во предградие, одат на нуркање... Зане е поранешна олимпијка во пливање, Касперс работи на телевизија. Имаат убав европски живот. Море светски. Сепак, веќе една деценија не успеваат да добијат дете. По обидите со клиники за плодност, диети, цркви и исцелители, Касперс полека се помирува со идејата дека животот може да биде исполнет и без деца. Но, Зане не може да ја прифати помислата дека нема да стане мајка и е подготвена на сѐ за да го оствари тоа. 

Во филмот ќе видите (ако некогаш го гледате) многу боцкање и е многу едукативен за оние што оваа тема, бездетноста и обидите да се дојде до дете, не ги допира. И тоа е трикот. Дали ќе снимиш документарец од тип Дисковери – образовна програма или ќе се издигнеш над темата и ќе создадеш приказна. Линга Олте успева во ова другото. Нешто во што многумина режисери/ки Македонци/ки не успеваат. Олте успева да создаде драма, дискретна и ненаметлива, и каков-таков саспенс во една доста прозаична ситуација. И сето тоа, иако ги има сите предуслови, ни го пренесува без големи патетики. Иако функционира со традиционални контрапунктови (на пр. соседите им се многудетни, а колешката има несакана бременост) таа не запаѓа во замките што ги наброив. На почетокот на филмот се спомнува (северна додуша) Македонија кога спортски коментатор најавува фудбалски меч. По проекцијата бев малку попопуларен кај колегите стручњаци. Филмот го снимале девет! месеци, а главната актерка една година претходно учела да плива во профи стил зашто претходно знаела да плива само домаќински. И актерката ја научиле да плива одлично и сега се пофали и со лиценца за нуркање. Е тоа не може да се случи во наш(и) филм(ови). Досега имам гледано два мкд филма во кои има скејтбордерки и тоа изгледа сериозно наивно. И да е добар филмот, филмот ти е скршен со очигледното користење дублер (маж) во сцените кај што има бордање и луѓето паѓаат во заблуда дека ако не научиле кога морале, тогаш бордањето стварно не е за девојчиња. За сцените со секс користеле координатор за интимност (!). Да и тоа постои. Актерите изјавија дека координаторката за интимност била пратена од бога, актерот особено ја пофали нејзината улога во сцените каде што требал да маструбира. Му помогнала сето тоа да изгледа пореалистично на камера. Хм!? 

ПОСЛЕДНОТО ЗБОГУМ (The Last Goodbye, Azken Agurra) на Колдо Алмандоз (Koldo Almandoz) доаѓа од Шпанија, Баскија, од Сан Себастијан. Томаш има погребално претпријатие што не е поврзано со верски обичаи и се вика „Последното збогум“. Нема возачката дозвола поради возење во алкохолизирана состојба. Се вљубува во многу помлада практикантка. Разведен е со ќерка (десетина години) што оди на балет и често се тепа со ривалка од групата, онаа убавката. Должи пари на поранешен боксер со кого одел на училиште. Знае доста тривијални работи. Доцни на сите погреби што ги организира. Изгледа прилично запуштено. Смртта го интересира повеќе од животот... Јасна ви е комплексноста на тотален лузер што Колдо ја опишува. Ми се допадна филмот, имаше добра музика. Во еден сонг во филмот се спомнуваше Весна Вуловиќ, јатовата стјуардеса што останала жива по пад на патнички авион во 1972 година. Не сфатив зашто. Атмосферата беше добро изградена. Добар филм. Некои работи ми останаа неразјаснети, како што ми избега она со Вуловиќ, ама планирам да се видам со Колодо во петок и ќе видам што ќе каже.

За полскиот ПРЕКУ ЅИДОТ (Przez ścianę, Through the Wall) на Мачеј Собиесчански (Maciej Sobieszczański) салата беше преполна. Излезе режисерот и рече нешто за Том Вејтс и Буковски и демек „Не можеш да ја победиш смртта, ама можеш да го победиш убивањето на животот“. Уф. Стариот Бук е длабок. Не го прочитав синопсисот претходно и кога на најавната шпица беше наведено дека дејството почнува во Полска во 1947 година за време на најригидната советска окупација, илузијата дека ќе има некоја врска со Бук и Том исчезна. Жени во затвор во една ќелија, малтретирање и самоубиства. Една од нив започнува да комуницира со соседната ќелија со Морзеова азбука. Добива одговори од некој дечко. Се вљубуваат без да се видат. Виша (така се вика девојката) после долга тортура излегува, а Јержи е осуден на 6 години. Таман кога Јержи треба да излезе, Виша ќе ја уапсат повторно. На почетокот мислев дека цел филм ќе помине во чукање Морзеова азбука по затворски ѕидови, ама не беше така. Мачеј добро си го извози филмот до самиот крај. Некаде до смртта на Сталин. Во салата енергијата беше на ниво на атомска централа. Нема дишење. Таа колективна траума, очигледно, уште е присутна во полскиот живот. Филмот е црно-бел. И тоа е добар режисерски избор. Според вистинита приказна. Тоа не мораше да се потенцира. Сите приказни се вистинити.

Режисерката на СЕДУМ ДЕНА ВО ФЕВРУАРИ (Seven days in February, Tatjana Moutchnik) е родена во Украина, но пораснала во Германија и секако дека за тема на првиот игран филм ја избира војната во Украина. Ние имавме ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ, Динко имаше ШЕСТ ДЕНОВИ ВО ЈУНИ (и по 20 години Динко ми фали јбг), а сега имаме СЕДУМ ДЕНА ВО ФЕВРУАРИ. По подолга разделеност, украинските браќа Аркадиј и Игор (со еврејско потекло) повторно се среќаваат за да ја оплакуваат мајката која починала во Германија каде што живее Аркадиј со неговиот татко и двете девојчиња. Нивниот догматичен татко инсистира на почитување на традиционалната „шива“, иако никој од нив не ги знае ритуалите, а на површина излегуваат стари семејни тензии. Аркадиј е самохран татко и се обидува да ги усогласи работата и грижата за семејството со помош на својата ќерка Марина, а успешниот бизнисмен Игор има ресторан во Одеса, е во конфликт со својот син Колја околу Украина и Русија. Започнува руската инвазија врз Украина. И конфликтите се сѐ поголеми. Аркадиј иде за Украина, а помалата ќерка оди на лизгалиште каде што вежба уметничко лизгање и нејзиното лизгање е последната сцена на филмот. И не, не е користен дублер. Девојчето лизга одлично и глуми одлично. Огромната количина на патетика не може да ја извадат ни неколкуте добри актери и на крајот ќе видиме дали темата ќе влијае на наградите. ФЕВРУАРИ, СЕПТЕМВРИ, исти Тасе.

15 октомври 2026 - 08:17