Живееме во ера на целосен цивилизациски колапс во кој мрежите му дадоа на најлошиот општествен талог платформа, глас и привид на важност.
Социјалните мрежи одгледаа монструозна илузија дека мислењето на секој полуписмен анонимус е исто толку вредно како и децении научна работа и образование. Ова е отворен ѓериз и глобално бојно поле каде што стручноста е брутално замолчена од агресивно, необразовано и бучно мнозинство.
Порано човекот се срамеше од своето незнаење и пробуваше да научи нешто од попаметните. Денес неукоста се слави како врховна доблест, а интелигенцијата се прогласува за елитизам и душман.
Дигиталните маси организирано се здружуваат во орди за да го линчуваат секој што мисли со своја глава.
Дојдовме до апсурд паметните да мора да се повлекуваат и да бираат зборови за да не навредат нечија плиткоумност и суета. Кога на сите им давате право да ја кројат вистината, знаењето ја губи сета вредност, а општеството неповратно тоне во мрак во кој владеат оние што најгласно викаат и знаат најмалку.
Ова повеќе не е само криза на културата, ова е триумф на примитивизмот над еволуцијата.
Дозволивме алгоритмите да станат судии, а толпата што во животот не прочитала три книги да држи предавања за медицина, историја, космос и морал. Тие дигитални дивјаци, вооружени со тастатури и целосно отсуство на срам, гризат и кинат сè што е отаде нивниот плиток хоризонт. Интернетот создаде нова сорта мутанти: луѓе кои се горди на сопствената глупост и кои во нивната агресивна неписменост гледаат еден вид „ослободување“.
Паметта веќе нема каде да се скрие, бидејќи секој агол од виртуелниот свет е отруен со токсични коментари на оние чиј единствен домет во животот беше и останува, да плукаат по подобрите од себе.
Ако итно не се повлече линија, ако на знаењето и авторитетот не им се врати нивното светилиште, ќе останеме општество на зомбија предводени од најлошите, додека најдобрите молчат во ќошот, згрозени од она во што се има претворено нашиот свет.
Ова е тотална војна против интелектот.
Стигнавме до точка полуписмени и неостварени поединци, скриени зад лажни профили и екрани, да се чувствуваат повикани да ги рушат авторитетите, да плукаат по струката и да ја кројат колективната свест.
Социјалните медиуми станаа ментален логор во кој се казнува секој што одбива да аплаудира на колективното лудило. Тоа се орди што не создаваат ништо, но затоа уништуваат сè пред себе, водени од чиста злоба и фрустрација што никогаш нема да дофрлат повеќе од калта во која живеат. Ако ова е напредокот на човечката раса, тогаш официјално сме се вратиле назад, директно во мрачните векови каде што пештерските крици имаат поголема тежина од здравиот разум.
На крајот, сметката е едноставна и застрашувачки точна, интернетот не го поврза човештвото, тој само ја мапираше и ја обедини глобалната глупост, давајќи ѝ погонско гориво и чувство на непобедливост.
Паметните луѓе повеќе немаат луксуз да молчат и да бидат фини, бидејќи во свет каде што неписмените го имаат главниот збор, тишината веќе не е знак на мудрост, туку соучесништво во својата пропаст.
Феѓа Штукан
* текстот е инспириран од познатата критика на Умберто Еко на социјалните медиуми од 2015 година.