
Во речиси 54-годишното работење на Лекари без граници, ретко кога имало вакво систематско насилство врз невооружени цивили. Станиците за дистрибуција на ГХФ, претставени како хуманитарни, се претворија во лабораторија за тестирање суровост. Ова мора да престане сега, изјави Ракеј Ајора, една од управителите на меѓународната група.
Лекарите од МСФ бараат итно укинување на израелско-американската шема за доставување помош и враќање на механизмот за испорака координиран од Обединетите нации.
ГХФ ги отфрла како „лажни“ и „срамни“ обвинувањата за хаосот кај нивните центри. Ги сметаат за пропагандна кампања на Министерството за здравство во Газа, кое е под управа на Хамас.
Со повторување на овие лаги, тие не им помагаат на цивилите, туку на Хамас. И покрај тоа, ние сме горди што продолжуваме да им помагаме, исто како што направивме во повеќе наврати за да им помогнеме во транспортот и заштитата на нивните медицински материјали и лекови, објави израелско-американската организација.
Лекарите од МСФ од две клиники близу спорните центри примиле 1.380 ранети лица во периодот од 7 јуни и 24 јули. За 28 од ранетите немало спас. Лекарите третирале повеќе од 70 малолетници со прострелни рани, вклучувајќи и 25 деца помлади од 15 години.
Лекари без граници тврдат дека луѓето на кои им се укажува помош не биле жртви на случаен или неселективен оган. Осумгодишно девојче било застрелано во градите, а на 12-годишно момче куршум му поминал низ стомакот.
Анатомската прецизност на прострелните рани силно укажуваат дека во овие луѓе се пука намерно на местата за дистрибуција, тврди групата.
Луѓето што доаѓаат по храна до центрите велат дека свесно го ризикуваат животот за да се обидат да земат храна за семејствата.
Ова е колеж. Сум бил повреден десетина пати. Го видов тоа со свои очи, дваесетина трупови околу мене, сите застрелани во главата или во стомакот, вели Мохамед Ријад Табаси, пациент во болницата Ал Маваси.
Болниците на МСФ примиле и 196 луѓе што биле прегазени во хаотичното грабање за храна. Една жена починала од задушување. Некои биле претепани и ограбени откако успеале да грабнат храна, се наведува во извештајот на Лекари без граници.
Обединетите нации ги нарекуваат центрите на Главниот хуманитарен фонд „смртоносни стапици“.
Крајно е возменирувачки како хуманитарната помош може да се злоупотреби за воени и геополитички агенти, што е сериозно кршење на меѓународното право, предупредија експерти од ОН.
Израелските одбранбени сили тврдат дека стотици камиони со помош секој ден влегуваат во Газа, а храната и лековите мора да се дистрибуираат преку центрите на ГХФ, за да не бидат грабнати од Хамас.
Пред еден центар минатата недела позираше и специјалниот американски претставник Стив Виткоф, а претседателот Доналд Трамп се пофали: „Ние даваме многу пари за да ги нахраниме луѓето“.