На 7. ноември се навршија 100 години од раѓањето на Албер Ками, човекот кој во 1957 ја доби Нобеловата за книжевност „за неговата значајна продукција, која со јасна визија и чесност ги осветлува проблемите на човечката свест во нашите времиња". Непосредно откако дознал за признанието, му напишал трогателно писмо на неговиот учител од основно.
Ками, втор син на Лисјен и Катерина Ками, имал само 11 месеци кога неговиот татко бил убиен во битката кај Марна. Неговата мајка, делумно глува и неписмена, ги пораснала децата во екстремна сиромаштија, со помош на строгата баба. Сепак, во основно Ками се покажал како одличен ученик, и тоа благодарејќи на поддршката која му ја дал саканиот учител, Луи Жермен. Да не бил тој, можеби сиромашното дете никогаш во себе немало да препознае голем писател. И да стигне до моментот да му заблагодари на наставникот за охрабрувањето, откако ја добил Нобеловата.
19. ноември 1957
Почитуван г-дин Жермен,
Oставив гужвата околу мене овие денови малку да слегне пред да ви проговорам од длабочината на срцето. Само што ми е доделена премногу голема чест, која ниту ја очекував ниту ја барав.
Но кога ги слушнав вестите, мојата прва помисла, по онаа за мајка ми, беше во врска со вас. Без вас, без вашата грижлива рака која му ја подадовте на малото сиромашно дете какво што бев, без вашето подучување и личен пример, ништо од ова немаше да се случи.
Не му придавам големо значење на овој вид признание. Но ако ништо друго, тоа ми дава можност да ви кажам што бевте и се уште сте за мене, и да ве уверам дека вашите напори, вашата работа, и благородното срце кое го вложивте се уште живее во еден од вашите ученици кој, и покрај годините, никогаш не престана да ви биде благодарен. Ве прегрнувам со сето мое срце.