
Во 1917 година, Сигмунд Фројд говорел за три „удари“ што науката му ги нанела на човештвото – моменти на пресврт што покажале дека луѓето не се толку посебни колку што мислеле. Првиот, космолошкиот, дошла со Коперниковото откритие дека Земјата не е центар на универзумот. Вториот, биолошкиот, со Дарвиновата еволуција, која ја руши идејата за човекот како „круна на создавањето“. Третиот – психолошки - со Фројдовата сопствена теорија за несвесното, која ја поткопува нашата контрола врз самите себе.
Денес, може да се зборува за четврта, интелектуална навреда: вештачката интелигенција. Таа ја загрозува нашата претстава за сопствената умствена посебност. Прашањето е како да се соочиме со овој удар врз нашиот интелект и самобендисаност.
Еве неколку предлози:
Терминологија – наместо „вештачка интелигенција“ може да се зборува за „ко-интелигенција“, затоа што системите како големите јазични модели се само дополнување на човековата мисла.
Интелигенцијата на ВИ – некои истражувачи нагласуваат дека таа не е вистинска интелигенција, туку статистички „папагал“ кој комбинира зборови без вистинско разбирање. Важно е да се потсетиме дека човековата колективна интелигенција може критички да ја процени нејзината смисла.
Повеќекратни интелигенции – човечката интелигенција не е само една, туку опфаќа уметничка, морална, лична и духовна димензија. Луѓето бараат и создаваат значење, додека ВИ останува врзана за податоци и „овде и сега“.
Иако моментално човечката интелигенција е супериорна, ВИ има огромна брзина и капацитет на обработка, што може да ја замагли разликата. Практичната корист често е поважна за луѓето од филозофските дилеми.
Општеството се колеба меѓу техно-утопија и техно-апокалипса. Но, и паниката и некритичкото прифаќање се опасни. ВИ ќе ја промени нашата претстава за знаење, работа, комуникација и интегритет, и ќе создаде победници и губитници на пазарот на труд. Затоа е потребна поширока општествена дебата, не само техничка и правна, туку и културна, филозофска и теолошка.