Европскиот центар за уставни и човекови права достави тужба против Тотал Енерџис пред обвинителството во Париз. На 56 страници се наведени докази за соучество во воени злосторства во Мозамбик. Ако се отвори судски процес, одговорни лица од „Тотал“ ќе се соочат со казни од пет години затвор до доживотна робија.
Злосторствата биле извршени во централата за течен природен гас на Тотал Енерџис во бунтовната провинција Кабо Делгадо од јули до септември 2021 година. Во тој период биле евакуирани француските службеници од централата, а специјален контингент на владините сили го заштитувал објектот од напади на групата Исламска држава.
Војниците привеле близу 500 локални жители и ги обвиниле дека ги поддржуваат џихадистите. На сила ги одвоиле децата и жените, силувале жени, а потоа ги затвориле мажите во два контејнери на влезот во централата. Мажите, на број помеѓу 180 и 250, останале три месеци затворени во контејнери без прозорци и речиси никакво проветрување среде лето.
Војниците ги мачеле и ги тепале. Некои мажи се задушиле, а многумина умреле од глад и жед. Ги хранеле со грст ориз и им давале вода во капачиња од шише. По некое време почнале да ги носат во групи на стрелање. Преживеале само 26, кои биле спасени од интервентните сили на Руанда вклучени во мултинационалната операција против ИСИС.
Точниот број на жртви не е познат. Во истражување на Политико биле идентификувани имиња на 97 убиени или исчезнати цивили.

Внатрешни документи од компанијата покажуваат дека во Тотал Енерџис уште од 2020 година знаеле за бруталниот однос на војниците, но не се спротивставиле и продолжиле да ги поддржуваат. Најважна им била безбедноста на гасната централа.
Компаниите и нивните директори не се неутрални актери кога оперираат во зони на конфликт. Ако одобруваат или подгреваат злосторства, треба да се сметаат за одговорни, изјави Клара Гонзалес од непрофитната група.
Компанијата се брани дека не знаела дека во нејзините објекти имало мачења и егзекуции. Целиот персонал бил повлечен во април 2021 година и се вратил во ноември.
Тотал Енерџис е цел и на други обвиненија поврзани со нејзината централа во Мозамбик. Француски обвинители тврдат дека компанијата одбила да им помогне на цивили при евакуација поради напад од исламисти. Во Мозамбик е обвинета дека ја уценува државата. Иако учествува со само 26,5% во заедничкиот проект, компанијата бара 4,5 милијарди долари од владата за да ја рестартира централата во 2029 година.