Акцент во книгата е ставен на „еволуцијата на женскиот субјект" во турбо-фолкот, односно на текстовите на песните на Лепа Брена, Цеца, Северина и Јелена Карлеуша. Maлку ни е чудно што бара Северина тука, ама веројатно авторот имал добра причина зошто и таа е во ова фино друштво.
Она што пак нè бендисува е ставот на авторот, кој се состои во следното - во овој музички жанр доминираат женски ѕвезди, кои според него мораат да станат предмет на научно изучување, а не елитистички да се затвораат очите пред фактот дека нивната музика е она што огромен број луѓе на овие, јужнословенски или балкански простори, најмногу сака да го слуша. Академската заедница е едноставно должна ваквите феномени да ги истражи, а не од нив идеолошки да се огради.
Во интервју за е-новине Делиќ објаснува дека откако ги отслушал сите песни и ги одгледал сите видео спотови и концертни настапи на наведените пејачки, заклучил дека директната врска на нивната музика со воените потфати, говорот на омраза, руралната и урбано-сељачката популација, (веќе) не е одржлива, бидејќи ваквите толкувања ги има прегазено времето. Оние кои настојуваат популарноста на турбо-фолкот да ја доведат во непосредна врска со културолошката примитивност на постјугословенските народи, која резултира со ксенофобична политика и воени походи, премногу ја поедноставуваат работата, бидејќи директна корелација помеѓу едното и другото не постои баш во сите турбо-фолк производи, па оттаму и не може да важи за целиот жанр.
Вакви интерпретации на турбо-фолкот без непотребното припишување на социо-политички значења се правени и претходно (на пример во култниот текст на Жарана Папиќ: Европа по 1989: етнички војни, фашизација на општествениот живот и политиката на телото во Србија). Но и овој жанр има еволуирано, и естетски и содржински - на почетокот женскиот субјект главно бил претставуван како меланхолична жртва, вечна губитничка или очајна маченица, како во стиховите (кои намерно ги оставаме во оригинал): „Шта ти вреди, роѓен си са грешком, све је то у твојим генима, а ја емотивна луда, цео живот са кретенима", „ако треба да огулим колена, да ти признам колико сам те волела, на крај света да ти носим кофере, да на твоје преваре сва миришем, сваку божју заповест да погазим, да због тебе на сунце не излазим" или „и кад ме вараш с тобом липо ми је".
Подоцна тој станува по малку хистеричен - „Биќу твоја казна, да уништим ти живот више волим од оргазма, отровне су речи моје, оловне су мисли моје". Ова се толкува како обид за нарушување на патријархалната логика („ја не желим бити украс пред твојим знанцима и неќу бити птица у златним ланцима"), а како еманципаторски потенцијал е уште посилно во песните со хумористичен тон, во кои привилегиите на машкиот субјективитет се прикажуваат како гротескни и се пародизирани („ти си среќо прави мушкарац, ти погледом сваку скидаш, само тесне мајице носиш, ти среќо сам на себе откидаш, мислиш да су све жене твоје играчкице на навијање, мислим да си стварно заслужио једно мало одбијање").
На крајот, како што неговите актуелни репрезентациски одлики биле незамисливи на почетокот на 90-тите, така и за некои дваесет години турбо-фолкот може да има сосема нови димензии. До тогаш, ако се заслушате, па и нема некоја голема разлика меѓу текстовите на Северина и Бритни Спирс.