Ѓоковиќ: Моравме да го сториме тоа, Србија е на раб на граѓанска војна!

Најдобриот светски тенисер на сите времиња според многумина, на прес-конференција на УС Опен изјави дека му е жал што АТП турнирот од Белград се сели во Атина, но наведува дека одлуката не била нивна желба, туку нужност поради околностите во кои се нашол неговиот брат Ѓорѓе, организаторот на овој познат тениски турнир.

Фото: Epa Images
Фото: Epa Images
Photo: Epa Images

Наместо во неговата земја и роден град, Новак и неговото семејство го преселиле познатиот турнир во Атина од 2-ри до 8-ми ноември. Планиран е да се одржи во ОАКА арената во главниот град на Грција.

Ѓоковиќ се надева дека во иднина турнирот ќе се врати во главниот град на Србија, и тоа на повисоко ниво, а ја истакна и љубовта на белградската публика кон тенисот и успехот на неговата земја како тениска нација во последните две децении. Новак исто така раскажа и за ситуацијата во Србија, вели дека народот таму има други работи во фокусот освен спортот поради големите протести и тензии. 

„Не сакавме да го преселиме турнирот. Но, за жал околностите се такви. Брат ми Ѓорѓе кој го води турнирот, едноставно беше ставен во ситуација да мора да го пресели. Се надевам дека во годините кои доаѓаат ќе дојдат и подобри времиња, па турнирот ќе го вратиме назад и во повисока категорија. Белградската публика сака тенис, а Србија во последните две децении стана земја на тенисот благодарение на сите наши успеси.

Состојбата во земјата е таква што на луѓето веројатно спортот сега им е последната работа на која мислат. Многу работи се случуваат, голема транзиција. Без да навлегувам во политика, се надевам дека страстите ќе се смират. Ситуацијата ескалираше, практично сме на работ на граѓанска војна. Сакам да верувам дека сè ќе се смири, но засега нема назнака дека тоа ќе се случи“, рече Ѓоковиќ на прес-конференцијата во Њујорк.

Српскиот тениски великан се спрема за последниот овогодишен Грен Слем – Отвореното првенство на САД, на кое ќе ја брка својата 25 Грен Слем титула во кариерата.

24 август 2025 - 18:44