Гратис идеја за пред избори - собираш отпад, добиваш храна

Во Индија се појави необична, но инспиративна практика – „ресторани за ѓубре“, места каде што наместо со пари, оброците се плаќаат со пластичен отпад. Партиски штабови и кандидати за локални, се слушаме?

Во Индија во последниве години почнуваат да се појавуваат таканаречени „ресторани за ѓубре“. Првото вакво место е отворено во градот Амбикапур, во сојузната држава Чатисгар. Таму, секој што ќе донесе килограм пластика може да добие топол оброк со ориз, зеленчук во кари, салата и туршија, а за половина килограм добар појадок.

Идејата започнала во 2019 година со цел да се решат два големи проблема во градот: гладот кај сиромашните и загадувањето од пластика. Луѓе кои претходно собирале пластика за симболични суми продавајќи ја на отпад, сега можат да обезбедат храна за своите семејства со тоа што ќе ја разменат во кафулето. Така, тоа не само што помага на оние од најранливите слоеви, туку придонесува и за почиста околина.

Од неговото отворање досега, кафулето собрало речиси 23 тони пластика, што помогнало значително да се намали количеството отпад што завршува на депонија. Градот Амбикапур е веќе познат по својот модел на „нула отпад“, каде што сметот се сортира во специјални центри и се рециклира – пластиката, хартијата, металите и електронскиот отпад. Овие центри вработуваат стотици жени кои секојдневно собираат и селектираат отпад, со што заработуваат за себе и семејството.

Моделот од Амбикапур се проширил и во други индиски градови, а слични практики има и во други земји, како Камбоџа. Сепак, експертите велат дека иако ваквите иницијативи се корисни, тие се повеќе „брзи решенија“ – помагаат на локално ниво, но не го решаваат коренот на проблемот: прекумерното производство на пластика и создавањето отпад.

И покрај тоа, ваквите „кафулиња за ѓубре“ се важен почеток – покажуваат дека со креативни идеи може истовремено да се нахранат луѓето и да се намали загадувањето.

извор

24 август 2025 - 09:57