Почитувани колеги од областа на театарската дејност,
Пред неколку дена ја прочитав веста дека нашиот храм, Македонскиот Театар, е одликуван со орден од страна на претседателот на РМ. Веста ме развесели и трогна. Се придружувам кон честитките. Но, говорот на претседателот и пораките коишто тој ни ги упати, ме фатија неподготвен. Обично не слушам што тој некому порачува, но, бидејќи, овој пат пораката беше директно упатена кон мене, видно се вознемирив.
Некои (сите) сегменти од неговата честитка зборуваат за нешто што не го разбирам, па затоа ви се обраќам на сите вас, а особено на Директорот на МНТ Дејан Пројковски, кој, тој орден го прими (барем така на фотографиите изгледа) да ми помогнат да разберам.
Еве еден дел од изјавата кој посебно ме растревожи, а беше објавен во Утрински весник. Ова е цитат од обраќањето на претседателот на Република Македонија Ѓорѓи Иванов:
- Ниту земјотресот, нити цензурата на минатиот систем, ниту политичката коректност на денешницата не успеаја да ја спуштат завесата на Македонскиот народен театар. Не успеаја заради една длабока човечка потреба, а тоа е потребата да се биде дел од големиот наратив во чие средиште е борбата за правда, мир и љубов, потенцира Иванов. Додаде дека МНТ веќе 70 години е подиум за вистината и за слободата.
- Ниту земјотресот, нити цензурата на минатиот систем, ниту политичката коректност на денешницата не успеаја да ја спуштат завесата на Македонскиот народен театар.
Делот со земјотресот го разбирам, делот со цензурата на минатиот систем го разбирам само делумно, но третиот дел тотално ме збунува. ПОЛИТИЧКАТА КОРЕКТНОСТ НА ДЕНЕШНИЦАТА не успеала да ја спушти завесата на Македонскиот Народен Театар?????????
Како тоа политичка коректност на денешницата се обидувала да ја спушти завесата? Јас сум човек кој е отворен за асоцијации и метафори, ама овде не успевам да се снајдам никако. Сите делови од оваа апологетска мисла ме збунуваат. Бидејќи под денешница претседателот најверојатно го смета периодот на последните десет години кога на нему му светна бел ден, ја користам приликата да го запрашам директорот на МНТ кој ја претставува денешницата:
- Дали вие Дејан Пројковски знаевте дека политичката коректност се обидувала да ја спушти завесата? Ако сте знаеле, ве молам да ми објасните што точно таа правела со завесата. Не би сакал самиот да замислувам затоа што може сешто да ми падне на памет. Ако не сте знаеле, кој тогаш знаел? Некој морал да му каже на претседателот, тој самиот не верувам дека седел пред дигната завеса. Ние сите сме загрозени од политичката коректност на денешницата, а никој не реагирал и не ни кажал. Кога велам Ние мислам на себе. Јас сум можел сериозно да настрадам работејќи таму, без да знам дека политичката коректност на денешницата ме демне и само чека да ми ја спушти завесата. Зошто, ако никој од театарот за ова не знаел, претседателот не свикал национален совет и не ја подигнал оружената безбедност на РМ? Знаете ли вие што значи да ве нападне политичката коректност на денешницата???
Откако ме напушти првичната паника, ме нападна разорна мисла, па јас и не знам како изгледа ПКД (политичка коректност на денешницата). Таа може да е тука насекаде околу мене а јас не знам како да ја препознаам.
Дали некој со свои очи ја има видено ПКД? Ве молам да ми ја покаже или раскаже. Земјотресот има своја претстава, цензурата на минатиот систем исто така, но, дали некој некогаш ја има видено политичката коректност. Тука ја користам приликата и да ги повикам членовите на МАНУ, особено професорот Горан Стефановски, како надлежен за овој ресор, да помогне. Професоре, како вие би ја опишале и прикажале политичката коректност на денешницата?
Потоа, си реков дека Тој можеби сакал да каже ПОЛИТИЧКА КОРЕКТНОСТ НА ДЕСНИЦАТА. Ама после си викам, како било кој, особено професор на правен факултет, би можел да помисли дека десницата е политички коректна. Така што таа варијанта отпадна и остана фактот дека тој навистина рече ПКД!
Сега доаѓаме до моментот кога ме фаќа параноја. Замислете дека ПКД можеби не напаѓа само завеси. Можеби ПКД утре да реши да ја згасне струјата во Дебар маало. Да ја нападне хидроцентралата Матка, да ги затвори патарините, да го исуши Охридското езеро, да ја укине МРТВ, да му се закани на премиерот на РМ и слично. Дали ние имаме работа со сериозна закана по нашиот безбедносен систем? Кој е претставникот и кои се членовите на ПКД? Кои се нивните барања и каде е границата на нејзината злонамерност? Дали таа утре може да тропне на нашата врата? Работава е многу сериозна и бара сериозни одговори. Не гледам дека било кој одговорен од МНТ се занимава со ова прашање. Ги гледам присутните колеги на фотографијата во мигот на Орденот и никој не наоѓа за потребно да праша. Тука го изземам Ристо Стефановски. Го молам директорот на денешницата на МНТ Дејан Пројковски да се позанимава со овој феномен и да го истражи целиот случај. Јас тешко доаѓам до давачот на ордени и немам можност ништо да го прашам. Почитувани граѓани на РМ, знам дека сте немирни. И јас сум. Не знаеме од каде може да ни ја спушти завесата ПОЛИТИЧКАТА КОРЕКТНОСТ НА ДЕНЕШНИЦАТА.
Ацо Поповски, театарски режисер, фан на Ливерпул и диџеј во Трендоленд