Американскиот претседател кој примал гости во тренерки

Томас Џеферсон бил третиот претседател на САД и еден од тн. „татковци на нацијата“. Во време кога државниците носеле богата и формална облека, тој претпочитал удобност и едноставност, како демонстрација на своите републикански идеали. 

Во 1803 година британскиот дипломат Ентони Мери пристигнал во САД како нов претставник на својата земја и многу брзо се нашол во центар на необична дипломатска криза. На свечената церемонија кога требало да ги предаде акредитивите на претседателот Томас Џеферсон, тој дошол во целосна свечена униформа – со капа украсена со пердуви, со меч и со раскошна облека, како што налагале правилата на европските дворови. На негово изненадување и шок, Џеферсон го пречекал во износени влечки, волнени чорапи и едноставна облека, без ни најмала трага од дипломатска формалност. За Мери, тоа било не само лична навреда, туку и понижување за неговиот крал и за самата Британија.

Федералистите – политичките противници на Џеферсон – ја искористиле оваа случка како доказ за наводната недостојност на претседателот и приказната ја ширеле со преувеличувања. Во нивната верзија, Џеферсон се појавил во наметка за спиење и капа, како домаќин што го разбудиле сред ноќ. Дури и некои американски сенатори, како Вилијам Плумер, подоцна ќе сведочат дека во прв момент мислеле дека во просторијата влегол обичен слуга, а не највисокиот државник.

Но изгледот на Џеферсон не бил резултат на невнимание или нехигиена. Напротив, тој свесно ја градел својата јавна слика. За разлика од Џорџ Вашингтон и Џон Адамс, кои задржале дел од европската традиција на свечени церемонии и официјална облека, Џеферсон сакал да воведе нов, „републикански“ стил на едноставност. Дури и на денот на својата инаугурација, тој одел пеш до Капитол без никакви симболи на раскош или моќ, сакајќи да покаже дека американската република се разликува од европските монархии.

Поддржувачите го величеле заради неговата скромност и заради тоа што го претставувал „обичниот граѓанин“. Но критичарите биле убедени дека сè било внимателно испланирано и дека зад „едноставноста“ се крие политичка калкулација. Портретите што се насликани во различни години сведочат за ова: на едни изгледа како уредно облечен џентлмен во елегантна облека, а на други – како скромен граѓанин, зависно од пораката што сакал да ја испрати.

Сепак, за дипломат како Мери, воспитан во духот на британскиот двор и навикнат на строги правила на протокол, ваквиот настап бил незамислив и навредлив. Така приказната за претседателот што ги примал дипломатите во износени чевли и едноставна облека (што би рекле денес „во тренерки“) се ширела со години, симболизирајќи го длабокиот судир меѓу европските очекувања за формалност и новата американска републиканска идеологија.

22 август 2025 - 08:52