Новинарот на Телеграф кој го правел интервјуто со Гилијам го опишува како „дете со лице на гоблин". Слично како што тоа го прави и Џеф Бриџис, кој се има појавено во неколку негови филмови, и го нарекува Гилијам „древно дете", затоа што тој ги има сочувано детскиот оптимизам, игривоста и восхитот, но ги комбинира со некаков вајб на древен волшебник.
Гилијам е еден од најголемите филмски раскажувачи на нашето време, градител на восхитувачко максималистички алтернативни вселени, од надреалните песјажи кои наликуваат на сон во „Имагинариумот на д-р Парнасус", преку валканите дистопии на „Бразил" и „12 мајмуни", до вознемирувачките анимации кои ги има направено за Монти Пајтон. Во „Авантурите на барон Минхаузен" постои една фина сумирана дефиниција на неговиот светоглед: „Вашата реалност, господине, се состои од лаги и дрдорења, а јас сум воодушевен од тоа што можам да изјавам дека немам никаква врска со неа".
Гилијам сега има 73 години. Оваа година тој ќе режира опера на Берлиоз, ќе објави автобиографија (или како што го нарекува me-me-me-moir), ќе настапува десет вечери со Монти Пајтон, ќе промовира еден филм и ќе снима друг. „Годините минуваат толку бргу што се приближувам кон смртта", вели тој. „Убаво е да се завршат неколку работи пред човек да оди под земја".
Неговиот филм, „Нулта теорема" (The Zero Theory) е приказна за Куоен, анти-социјален апаратчик вработен во компанијата ManCom, чиешто мото е „Корпорации без граници". Неговиот шеф, кој го игра Мет Дејмон, му дава задача да работи на 3Д игра чија цел е преку играње со равенки да се докаже дека животот е бесмислен. Ако „Бразил" се занимаваше со прашањтое на политичката организација, ова е за нешто над-владино и над-политичко, чиј единствен интерес е профитот. Ѕвезда на филмот е Кристоф Волц, кој е речиси непрепознатлив бидејќи за улогата ги има избричено главата и веѓите и е облечен во ептен тесно сатенско трико.
И покрај силната линија на технофобија на филмот, Гилијам не може така лесно да се одреди како лудит. „Си го сакам ај-фонот", вели тој. Ми изгледа како црниот монолит од 2001, и како јас да су мајмунот. Нo кога технологијата станува нова религија, кога почнува да доминира со животите на луѓето онака како што тоа го прави сега.. тогаш почнувам да го мразам твитањето и тоа што луѓето си гледаат во телефоните цело време. Никој веќе не живее во светот, туку само го користи како позадина".
Гилијам растел во родната Минесота, и како дете многу читал стрипови - копирал сцени од списанието MAD и почнал да се допишува со неговиот тогашен уредник Харви Курцман. Така почнала нивната соработка, а така се запознале и со Џон Клиз. Гилијам бил одговорен за фотографски комични стрипови познати како „фумети". Во 1965 го ангажирал Клиз за ваков стрип под наслов „Продупчената романса на Кристофер" за човек кој страсно ја засакува Барбиката на ќерка си. Неколку години подоцна Гилијам се преселил во Британија: „Ако останев во Америка ќе фрлав бомби", вели тој, „а подобар сум како цртач отколку како терорист". Таму го контактирал Клиз, и останатото е веќе влезено во легендите.
Продуцент на неговиот следен филм е 29-годишен шпански вундеркинд. „Човекот кој го уби Дон Кихот" конечно треба да почне да се снима во септември, откако се одложува веќе дваесет години. Сè почнало кога Гилијам се јавил кај некој продуцент, барајќи му 20 милиона долари. „Имам две имиња за тебе", му рекол, „едното е Дон Кихот, другото е Гилијам". Продуцентот веднаш се согласил. Дури потоа Гилијам седнал да ја прочита книгата. Што, ја немал прочитано претходно? „Никој не ја чита таа книга", одговара тој, „сите знаеме за водениците и лудакот кој погрешно ја толкува реалноста". Но минале години додека не напишал сценарио кое го задоволува.
Џони Деп, пак, со кого Гилијам работел на „Страв и треперење во Лас Вегас", пред неколку дена ја продаде неговата верзија на Дон Кихот на Дизни. Ова делува како некој вид предавство, но Гилијам воопшто не е вознемирен: „Имало и ќе има многу Дон Кихотовци, но има само еден Човек кој го уби Дон Кихот".