
Maт Сноу, во 1980-тите млад новинар во подем, се зближил со Кејв кога почнувал да пишува професионално за музички списанија. „Тој правеше одлична музика, а јас пишував воодушевени критики“, изјавил тој за Гардијан. Во 1983 година, Ник и неговата девојка Анита Лејн престојувале во неговиот стан во Брикстон – му плаќале кирија, а нему му требале пари. По заминувањето ја прекинале комуникацијата, сѐ до 1986, кога Сноу требало да направи интервју со Кејв за Њу мјузикл експрес.
Но, наместо топол пречек, Сноу добил студен и непријателски поглед. „Претходната година јавно спомнав дека неговиот албум ми делуваше ’разочарувачки‘“, вели Сноу. „Тој ми рече дека сум кретен и дека напишал песна на таа тема.“ Неколку недели подоцна, на концертен штанд, Сноу за само една фунта купил зелен „флексидиск“ (диск направен од винил кој може да се врти на обичен грамофон) на којшто имало песна со наслов „Scum“/„Ѓубре“.
Песната не оставала простор за двоумење – со груб и бескомпромисен тон, Кејв се сеќавал на нивното заедничко живеење: „Ме потсетуваше на некој зол гном/Ракувањето со него беше како со жешка, мрсна коска“. Подоцна го нарекува „мизерен измет“, „предавник, хроничен онанист, лигуш, самоуништувач,“ за на крај да заврши: „Ми напиша лоша критика/можеби мислиш дека сега тоа е само минато/Но јас сум од оние што држат злоба“.
Изненадувачки, Сноу реагирал со смиреност. „Тоа е брилијантна песна,“ рекол тој, иако имал една замерка: дека Кејв ја сокрил „Ѓубре“ како бонус-нумера на албумот Your Funeral, My Trial, наместо да ѝ даде поголема тежина. „Подобро е да бидеш овековечен како објект на гнев на еден гениј, отколку како заборавена фуснота во дискографијата“.
Најинтересно од сè – неговата идна сопруга, голем фан на Кејв, била восхитена кога на првиот состанок ѝ ја раскажал оваа приказна. Седум години подоцна, „Scum“ станала „нивната песна“.