Букбокс читанка: „Погонот“ од Нини Холмквист

Одамна немаме прочитано нешто што не сме сакале да заврши, не затоа што зборува за убави нешта, туку затоа што е мајсторски направено, длабоко човечно и оттаму неизбежно тажно. Двата опишани света, оној во „погонот“ на рециклирање човечки тела и оној вон него, не се среќни. Па сепак, дури и во една таква сурова средина се можни мигови на блискост и тивка радост, што му дава смисла на бесмисленото.

Нини Холмквист не е некоја позната авторка - нејзината Википедија страница на англиски е прилично скудна и содржи информации за само две збирки раскази, пред излегувањето на романот „Погонот“ во 2006. По неговиот превод oд шведски на англиски во 2009 тој добива пар одлични критики и станува тема на неколку академски текстови. Но книгата заслужува и многу повеќе. 

Македонскиот еквивалент на „Јунит“, како што гласи насловот на англиски, би требало да биде „Единица“. Но „Погон“ многу повеќе соодветствува на содржината. Тоа е приказна за блиска иднина во која општеството е поделено на „корисни“ и „излишни“ луѓе. Оние што имаат деца или работат во „општествено важни“ професии — образование, здравство — се сметаат за вредни, додека бездетните и креативците се класифицирани како „заменливи“. По нивната 50-та година (за жени) и 65-та (за мажи) тие се сместени во институција која ги има сите можни поволности за луксузен живот, ослободен од економски грижи и социјални притисоци, со кино сали, базени и стаклени градини, библиотеки и трговски центри во кои сè е бесплатно. Но престојот таму е условен со учество во медицински експерименти кои полека го исцицуваат животот дури и од најсилниот поединец, кој во еден момент потпишува согласност за својата конечна донација - орган или органи кои ќе спасат живот на некој од „корисните“, оние надвор од погонот, но ќе значат смрт за него. 

Дорит е педесетгодишна осамена жена и писателка, која не можејќи економски да се издржува доброволно се согласува да биде преземена од својот дом и пренесена во таква државна установа, наречена Втора резервна банка за биолошки материјали. Во младоста имала еден абортус којшто не може да го прежали, бидејќи да го задржела детето тоа би и било добитната карта поради која не би морала да го остави саканото куче на комшиите и да мечтае по својата градина. Имала долга врска со оженет човек со деца, но тој во клучниот момент, пред нејзиниот 50-ти роденден, не се одлучува да и' помогне со тоа што ќе ја напушти сопругата. 

Холмквист создава свет во кој идејата за општествена корист е изведена до апсурд. „Биолошките резервни единици“ не произлегуваат од тиранија, туку од демократски донесена одлука — преку референдум. Граѓаните сами го поддржале системот, уверени дека сите мора да бидат продуктивни и да придонесуваат за зголемување на општиот просперитет. Во оваа дистопија, демократијата не исчезнала, туку станала механизмот преку кој е наметнат моралниот притисок да се создаваат деца и „да се биде корисен“.

Холмквист го напишала романот кога имала 45 години, во момент кога почувствувала дека е „целосно заменлива“ и дека нејзината смрт не би оставила празнина. Романот бил повторно издаден по успехот на телевизиската адаптација на „Приказната на слугинката“, бидејќи се занимава со сродни теми — контролата врз телото и вредноста на човечкиот живот. Но додека кај Атвуд плодните жени се поробени, кај Холмквист бездетните се жртвувани во име на рационалноста и економскиот напредок. На крај, дури и кога ѝ се укажува можност за бегство, прашањето не е дали Дорит може да замине, туку дали сака. Во установата, конечно чувствува дека е прифатена и дека „вреди“.

Илина, Букбокс

11 ноември 2025 - 11:25