Сарказмот, кој Оскар Вајлд го нарекол „најниска форма на духовитост, но највисока форма на интелигенција“, е еден од омилените облици на хумор. Во англискиот јазик зборот се појавува во 1570-тите години како сарказмус (sarcasmus) и означувал остра „јадачка“ (зборов во македонскиот не ќе да е случаен), навреда или сатирична забелешка. Уште тука се појавува идејата за „јадење“ или „гризење“.
Сарказмус е преземен од латинскиот, а таму дошол од старогрчкиот збор сарказмос (sarkasmos), што значи потсмев, исмевање, подбив. Неговиот корен е во глаголот „сарказеин“, што во буквална смисла означувало животинско кинење месо, а метафорично зборување на огорчен или потсмешлив начин. Саркс или саркос значи месо. Значи, зад духовитата иронија стои слика на нешто што кине, гризе и убива.
До почетокот на 17 век во англискиот правопис се стабилизирал во формата „сарказам“, која останала до денес. Сепак, повеќето луѓе денес не размислуваат за кучиња што кинат месо кога изговараат саркастична реченица (а саркастичен може да биде и вегетаријанец...).
Но приказната станува уште помрачна со зборот саркофаг (sarcophagus). Овој збор влегува во англискиот околу 1600 година, првично не за да означи египетски ковчег, туку вид камен што се користел за нивна изработка. Потекнува од латинскиот, а пред тоа од старогрчкиот израз саркофагос литос (sarkophagos lithos), што значи „камен што јаде месо“. Придавката саркофагос буквално значи месојаден.
Се верувало дека одреден вид варовник, од каменолом близу Асос во Троада, на територијата на денешна Турција, го забрзувал распаѓањето на телата. Интересно е што, и покрај познатата египетска практика на мумификација и зачувување на телата, овој камен сепак бил користен.
Зборот саркофаг е сложенка од саркс, што значи месо, и фагеин, глагол што значи јаде. Во англискиот јазик речиси еден век саркофаг означувал само вид камен. Дури во 1705 година почнал да се користи во значење на камен ковчег.
Од истиот корен во латинскиот произлегол скратениот облик саркус, од кој потекнуваат и зборовите за ковчег во францускиот (серкеј), германскиот (зарг) и холандскиот (зерк), каде што означува надгробен камен. Така, зад наизглед духовитата и елегантна игра на зборови стои древна, прилично сурова слика: јазикот што „гризе“ и каменот што „јаде месо“.
(Инспирирано од нова епизода на хрватскиот квиз „Потера“, каде едно од прашањата се однесуваше на потеклото на „сарказам“)