Анте Томиќ за Арсен Дедиќ:

Беше, Бог да го прости, невозможен човек

Имаше деновиве човечки убави и искрени испраќања од починатиот Арсен; Раде Шербеџија и  Зоран Предин, Миљенко Јерговиќ, Ѓорѓе Балашевиќ....Одбираме да ви го пренесеме сеќавањето на Анте Томиќ за епизодата кога му земал интервју за Плејбој. За контроверзите во самиот Арсен, за простаклукот и аристократската рафинираност кои истовремено ги поседувал. Му кажал еднаш Томиќ: "Се имате повлечено во себе". Арсен одговорил: "Е, не, во тебе ќе се повлекувам".

Мојата омилена згода со Арсен Дедиќ. Пред 13 години, јули 2002-ра, само што беше излегол албумот Кинотека на кој се наоѓа и оној зашеметувачки убав, сентиментален и смешен „Последнoто танго во Ѓеврске“, му предложив на Жељко Жутелија, тогаш главен уредник на хрватскиот Плејбој, големо биографско интервју со нашиот прославен шансониер. а на Жус, јасно, тоа веднаш му се бендиса. Му се јавив на шансониерот и тој прифати.

Ме нарача за следната недела во Шибеник. Малку проблем беше што два дена претходно заминував на годишен одмор во Селца на Брач, но сметав дека заради Арсен, вреди да се прекине одморот и на еден ден да се остават сами сопругата со малото дете. Ни сопругата ни детето, веројатно не треба ни да спомнувам, не го делеа баш моето мислење.

Како и да е, се спуштив од Селца до Сумартин, таму на траект за Макарска па во Макарска автобус за Сплит па преседнав во друг за Шибеник за после 5 часа одвратно и исцрпувачко патување конечно да стигнам до семејната куќа на Дедиќ.

Се затворивме во полутемната приемна соба и почнавме да разговараме, и прекрасно разговаравме, но веќе после четвртото или петтото прашање, Арсен уморно воздивна и објави:

-  Ете, тоа ќе ти биде доста.

- Хе хе, се насмевнав нервозно - Како тоа мислите доста?

- Па доста зборувавме. Дај завршувај со тоа, човеку.

- Ама побогу, само што почнавме, ова е за големо интервју, најмалку два часа....

- Ох, не ти го можам јас тоа, ти во поим ме уби, ме уништи, закука Арсен драматично.  - Јас сега цела недела ќе треба да се одморам од тебе....

Се тресев од бес

И тоа беше тоа. Арсен замолчи и со никакво молење ниту лигавење не можев да го наговорам да продолжиме. Ме испрати пристојно но решително до капијата од дворот. Тресејќи се од бес, се симнав до Полјана а во воздухот беа барем два милиона Целзиуса. Испотената кошула ми се залепи за грб. Пот ми се слеваше од веѓи во очи, ми капеше од врвот на носот додека вртев во редакцијата на Плејбој да им кажам како несекојдневно го зијанив интервјуто. 

- Го имаш ли барем за рубриката "20 прашања"?, проба Жус. 

- Ма што ти е! Немам ни две картички.

На шибенската автобуска станица купив карта до Сплит, два часа подоцна друга од Сплит за Макарска, во Макарска се качив на траект до Сумартин. Се спушти веќе првата летна темнина кога конечно се довлечкав до Селца, се истурширав и седнав со пријатели во кафуле. Ете го тогаш телефонот, шибенски позивен на дисплејот, Арсен Дедиќ, ни добро вечер, ни дал ти Бог добро, туку директ во глава:

- Што ти зборуваш дека не сме разговарале?, ме праша налутен.

- Арсене, ви објаснив веќе. се работи за големо интервју, моравме да разговараме каде- каде подолго....

- Ајде, ајде дојди, ме прекина простодушно и помирливо, иако уште не разбираше во што е проблемот.

Тоа ќе ти биде доста

Не се ни осмелив на жената да ѝ кажaм дека и утредента имам неодложни новинарски обврски. В зори како апаш се извлеков од апартманот и минав низ истото уште еднаш: уште 5 часа, Сумартин, Макарска, Сплит, Шибеник.

- Ама, од каде сте ми познати вие?, ме праша кондуктерот на Чазматранс.

Арсен ме прими, седнавме да разговараме, и што мислите, ајде погодувајте, колку тоа траеше?

- Ете, тоа ќе ти биде доста, заклучи тој по некои саат време, а жими мајка, еве волкуцка ми требаше да скокнам преку масата и да го задавам ко мачка.

Никој никогаш не ме испиздил како него. Со денови го составував текстот, до последен збор земав сè од диктафонот, ги изметов сите ронки од муабетот и уште додавав од едно претходно интервју со него, колку за да ја добијам потребната должина, а финалниот производ, искрено, не ми се допадна. Делуваше набрзинка скрпено, наказно, драматуршки збркано и без ритам, но помина изнeнадувачки успешно .

Многумина рекоа дека уживале читајќи го тоа.

- Сите ѕвонат од сабајле, ме извести по телефон и шансониерот кога Плејбојот излезе. - Одушевени, Тотално ме разголи. Сè ти дадов. На никој друг како на тебе.

- Арсене, му одговорив трогнат - не можам доволно да ви се заблагодарам за она што го сторивте за мене.

Беше, Бог да го прости, невозможен човек. Цел создаден од сами противречности. Беше и нежен и суров. И трагичен и комичен. И згрозувачки прост, шибенски тежок и бескрајно фин, аристократски рафиниран. Ранлив и чувствителен а отровен, со поган јазик. Ќе се накострешеше и на сама помисла на критика а други без мерка и без такт ќе ги замаваше. Но, го правеше тоа речито, шармантно, ѓаволски духовито, да не можете да му се налутите. Напротив, беше чиста уживанција Арсен Дедиќ да ве вреѓа.

-----------

* Остатокот од колумната на Томиќ овде.