Човештвото го положи тестот „најдов новчаник, што да правам“?

Секој си знае за себе што би правел доколку најде нечиј изгубен новчаник но група економисти решиле да искушат поголема група во еден масовен социјален експеримент со 17.000 „изгубени“ паричници во 40 земји во светот.

Вредно кај експериментот е што не се темели на вербални искази или електронско решавање морални дилеми кога е лесно човек да се чатали, туку на реални подметнувања паричници, на улица, по музеи, клупи, шалтери и слично. Целиот експеримент чинел 600.000 евра а во секоја од 40-те земји се правеле по околу 400 опсервации. Изгубените паричници имале различна сума пари во нив, некои биле без пари.

Наспроти интуицијата и очекувањата на економистите, повеќето луѓе ги враќаат паричниците кои ќе ги најдат. И уште позанимливо, колку повеќе пари имало во нив, толку поголема била стапката на „поврат на новчаник“.

„Погрешно претпоставуваме дека луѓето се себични суштества. Испадна дека сопственото доживување како чесен човек е многу поважно од краткорочната парична добивка,“ вели еден од водачите на истражувањето од универзитет во Мичиген.

Конкретно кон бројките: биле вратени 51% од новчаниците кога имале мала сума пари, 40% кога биле без пари но затоа дури 72% кога паричникот содржел поголема сума.

Како најчесни земји се покажале Данска, Шведска и Нов Зеланд. На другиот крај се Кина, Перу, Казахстан и Кенија, каде во просек изгубените паричници им се враќаат на нивните сопственици меѓу 8 и 20 проценти.

Испаднало дека има места на кои ниту еден подметнат новчаник не бил вратен и тие се особено  интересни: се работи за Ватикан и за две анти-корупциски агенции.

*******

На пишувачот на оваа статија, му имаат вратено 20.000 денари заборавени на банкомат. Ги нашла жена и ги однела во банка. По воспоставениот контакт со неа, изразената благодарност и желба нешто да се почастиме, добрата жена рече дека не го направила тоа за награда туку за себе и за Господ. Прашана за која екипа игра, рече дека е од Јеховини сведоци. Ја користам оваа прилика уште еднаш да ѝ се заблагодарам и да ѝ посакам животот да ѝ враќа со добрини.

6 јули 2019 - 16:23