Тешко на вештачката интелигенција со албанската природна корупција

Тоа што на Албанија со децении не ѝ успеа да го постигне со природната интелигенција – да ја искорени корупцијата, премиерот Рама очекува да го направи со вештачката интелигенција. Вели дека ВИ може да замени министри и премиер. Алатки со ВИ веќе проверуваат јавни набавки и откриваат дивоградби, но искуствата влеваат страв дека новата технологија само подобро ќе ја скрие корупцијата.

Премиерот Еди Рама успеа да ги развесели светските лидери на самитот во Тирана со видео-пораката за добредојде, на која гостите со помош од вештачка интелигенција беа претставени како симпатични бебиња. Набрзо потоа, Рама најави многу посериозен план да ја впрегне вештачката интелигенција како алатка за искоренување на корупцијата и како советник на државата при исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија.

Еден ден можеби ќе имаме и министерство целосно управувано од ВИ. Така нема да има непотизам или конфликт на интереси. Локални програмери може дури и да направат модел со ВИ за избор на министри. Можеби ќе бидеме првата земја што ќе има влада со вештачка интелигенција наместо министри и премиер, изјави Рама на прес-конференција во јули.

И оваа изјава, како и видеото со лидерите-бебиња, беше протолкувано како симпатична шега, но институциите ја прифатија сериозно. ВИ веќе се користи како алатка при јавни набавки, кои се најтесно поврзани со корупцијата, како и за анализа на даночните и царинските трансакции во реално време, идентификувајќи неправилности. Територијата се надгледува со дронови и сателитски системи со ВИ за да се откријат нелегални градилишта или плантажи со канабис. Се планира користење на ВИ за зајакнување на сообраќајната дисциплина, како системи што ќе препознаат лик на возач и директно ќе му испратат порака на телефон да забави по патот.

Бен Блуши, поранешен политичар од владејачките социјалисти верува дека државите управувани од вештачка интелигенција се реална можност што би можела да го сврти наопаку концептот за демократија.

Зошто мора да избираме помеѓу двајца или повеќе кандидати ако државата може да биде управувана од вештачката интелигенција? Општествата може подобро да бидат водени од ВИ отколку од луѓе, бидејќи таа не прави грешки, не може да биде корумпирана, работи нон-стоп, а и не ѝ треба плата, вели Блуши.

Албанија соработува со Мира Мурати, поранешна главна директорка за технологија на Опен АИ, која има заслуги за креирањето на ЧетГПТ.

Ја контактиравме првата недела по лансирањето на ЧетГПТ. Благодарение на таа соработка, преговорите со ЕУ ги водиме со помош од вештачка интелигенција, рече Рама.

Во јули тој објави дека Албанија целосно да се префрли на дигитални безготовински плаќања и да го укине кешот веќе во 2030 година. На порталот е-Албанија се префрлени 95% од сите услуги за граѓаните. Корисниците ги пречекува „виртуелен јавен службеник“, кој им помага да поднесат даночни документи, да добијат изводи од матична книга на родени и да аплицираат за лиценци и дозволи.

Иако неколку сајбер напади од Иран ја погодија платформата, а некои постари граѓани се мачеа да се справат со неа, Рама вели дека успеала да изврши околу 49 милиони трансакции за пет години, заштедувајќи им повеќе од 600 милиони евра на 2,4 милиони Албанци во земјата и 2,8 милиони во дијаспората.

Јорида Табаку, пратеничка од опозициската Демократска партија, вели дека ВИ е алатка со која, ако се управува правилно, може да се трансформира власта. Ако дојде во лоши раце, може да стане само дигитално покритие за старите злоупотреби.

За поширока употреба, како што најави Рама, треба да се смени целиот систем. Мора да има јавни консултации и јасност за тоа како ќе се применува технологијата, колку ќе чини и, најважно, кој ќе ги програмира алгоритмите. Ако истите актери што имале корист од наместени тендери се оние кои го програмираат алгоритмот, тогаш не одиме во иднината. Ние го дигитализираме минатото. Во земја во која 80% од буџетот оди преку јавни договори и една третина се доделуваат без реална конкуренција, ВИ нема да ја исчисти корупцијата. Само ќе ја скрие подобро, предупреди Табаку.

14 август 2025 - 11:26