Не е Леб и сол северномакедонски, туку македонски бенд

Ако ни Бошњаците, ни Хрватите, ни Србите, не викаат ниту Дојчланд ниту Германија, туку Немачка, зошто сите ние Македонија и натаму не би ја викале Македонија? Постои само едно, суштински точно име за земјата која се наоѓа меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија.

„После макотрпни преговори со службена Атина, Република Македонија формално стана Република Северна Македонија. Меѓутоа, значи ли тоа дека секое сеќавање на несеверна Македонија е забрането?“ се прашува еден од најдобрите писатели од Балканот, Мухарем Баздуљ, во својата колумна која ви ја пренесуваме во целост.


Агенциската вест која претходните денови ја пренесоа многу портали, телевизии и весници, па и нашиот лист, гласеше вака: „Националистичка министерка во владата на Северна Македонија е сменета затоа што на новинарите им се обраќала пред натпис на ѕид на кој го пишувало старото име на државата, Република Македонија. Министерката за труд Рашела Мизрахи е разрешена после долга расправа во парламентот и гласање кое се оддолжи до рано утро. За нејзина смена гласаа 62 пратеници а 26 беа против“, пренесува Хина. Последните недели таа најмалку два пати излегла пред новинари пред натписот на нејзиното министерство на кое го пишуваше старото име на државата, Република Македонија. Северна Македонија службено е новото име на државата од пред отприлика една година, после долгогодишно спорење со Грција која има една покраина која се вика Македонија. Заради тоа Грција го блокираше пристапот на Македонија во НАТО и ЕУ.

Мизрахи е членка на националистичката партија ВМРО ДПМНЕ која никогаш се нема сложено со промена на името на државата. Атина протестираше против тој натпис па техничкиот премиер Оливер Спасовски побара нејзина смена. Објаснува дека таа го прекршила уставот и ги загрозила обидите на земјата да воспостави врски со Западот. Социјалдемократот Спасовски е на чело на преодна влада која ги вклучува и ВМРО ДПМНЕ. Предвремените избори ќе се одржат на 12 април.

Политичка храброст

Морам да признам дека необично ме нервира тоа што практично сите новинари, публицисти, писатели, автори, општествени и јавни работници ширум Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, прелесно и пребрзо, без никаква резерва и скрупули, прифатија дека Република Македонија веќе не се вика Република Македонија, туку Република Северна Македонија. На политичарите не им се чудам, ним тоа им е во опис на рботата, ама затоа на сите други им се чудам. Скраја да е дека ја спорам важноста на Преспанскиот договор или го потценувам компромисот кој го постигнаа Заев и Ципрас. Обајцата мораа да се соочат со јак отпор на противниците во своите земји и обајцата покажаа политичка храброст. Ама, пак, ако ни Бошњаците, ни Хрватите, ни Србите, не викаат ни Дојчланд ни Германија туку Немачка, зошто сите ние, надвор од службено-формалниот контекст, Македонија и натаму не би ја викале Македонија?

И кога не сме Македонци, Македонија е дел од нашиот идентитет. Од сите свои „македонски приказни“, една од оние кои одамна ја помнам се однесува на една од оние книги кои како дете ги земаш од полица, знаеш дека нема да ги прочиташ како што треба, ама почнуваш да ги листаш, па по малку да читаш, колку да видиш каде ќе те одведат. Така јас, таа некоја 1986 или 1987 година, од полици симнав џепно издание на „Сто години самотија“ со мотив од Мерсад Бербер на кориците, издание кое во онаа Југославија веројатно е продадено во близу 200.000 примероци (а легендата вели дека бидејќи хонорарот не можел да биде уплаќан на сметка во странство, Маркез доаѓал во Дубровник да си ги подигне парите) и фатив да ја читам. Тој почеток, еден од најсугестивните почетоци во историјата на светската книжевност, нема никогаш да го заборавам. (како е само величенствена третата реченица: „Светот беше толку нов, многу работи уште немаа ни име, па за да се споменат, требаше да ги покажеш со прст“) Полковникот Аурелијано Буендија (за кој подоцна толку пати ќе слушнеме дека пие кафе без шеќер) пред стрелачкиот одред се сеќава на спомени со татко му. На таа прва страница на романот, Маркез го спомнува Циганот Мелкијадес кој пак ги спомнува „мудрите алхемичари од Македонија.“

Македонскиот јазик

Добрo, вистина е дека живееме во време на хипертрофирана политичка коректност. Веќе со децении еден од најпознатите романи на Агата Кристи не се објавува под оригиналното име „Десет мали црнци“ бидејќи зборот „црнец“ веќе не е политички коректен, ама сепак не можам да замислам на првата страница на „Сто години самотија,“ наместо Македонија, да осамне Северна Македонија. Ако не сме должни да ги следиме инструкциите на Холанѓаните кои решиле на интернационално ниво веќе да не бидат Холанѓани туку Низоземци (македонските лингвисти нека понудат подобро решение, барем во овој век - заб. прев.), не би требало, надвор од административниот контекст, хистерично да инсистираме дека нашата пријателска држава со главен град Скопје, мора баш во секој контекст да биде Северна Македонија.

Таму живее народ кои се викаат Македонци а не Северни Македонци, таму се зборува на јазик кој се вика македонски а не северномакедонски, таму се јаде македонска а не северномакедонска храна. Тоа не е ни ситница ниту тривијалност, тоа е прашање на верност кон сопственото помнење и сопственото искуство. Не се Струшките вечери на поезијата културна манифестација на северна Македонија, туку на Македонија. Не е Милчо Манчевски северномакедонски, туку македонски режисер, не е Леб и сол северномакедонски, туку македонски бенд, не е Дарко Панчев северномакедонски, туку македонски играч.

Одлуките на Собранието ги обврзуваат органите на власта во државата која службено се вика Северна Македонија, но тие не досегаат до процеси кои траат долго а кои сепак сугерираат дека постои само едно, суштински точно име за земјата меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија.

Мухарем Баздуљ, за Ослобоѓење

19 февруари 2020 - 12:23