Ветувачка вакцина против најподмолните типови рак

Клинички испитувања потврдиле ефикасност на нова вакцина кај луѓе што страдаат од рак на панкреас и колоректален карцином, кои исклучително тешко се лекуваат поради високи стапки на враќање дури и со години по третманот. Кај 84% од пациентите развила имунитет, а на секој четврти целосно му ги исчистила туморите. Згодно е и тоа што вакцината не мора да се персонализира.

Развиена од истражувачи од институции низ САД, вакцината ELI-002 2P ги таргетира мутациите во генот KRAS, кои се поврзани со 93% од случаите на рак на панкреас и со 50% од колоректалниот карцином. Вакцините содржат систем што активниот агенс го испорачува директно до лимфните јазли.

Ова е возбудлив напредок за пациентите со рак предизвикан од KRAS, особено рак на панкреас, каде што рецидивот по стандардниот третман е речиси стандарден, а ефикасните терапии се ограничени, изјави онкологот Зев Вајнберг од Универзитетот Калифорнија.

Вакцината била тестирана кај 20 лица што заздравуваат од рак на панкреас и кај пет лица кои се опоравувале од колоректален рак. Сите тие имале операција за отстранување на тумори, но последователни тестови покажале знаци дека ракот веројатно ќе се врати.

По серија инјекции, резултатите биле позитивни: 84% од лицата во своето тело развиле Т-клетки специфични за KRAS, подготвени да се борат против мутираните производи на генот, а кај 24% од учесниците трагите од туморите биле целосно исчистени.

Повеќето од 17-те лица со најсилен имунолошки одговор немале траги од рак на контролната проверка по просечно 20 месеци. За толку агресивни видови на рак, тоа се импресивни статистики.

Кај сите луѓе што учествувале во студијата било регистрирано просечно преживување без рецидив од 16,33 месеци и средно вкупно преживување од 28,94 месеци, што е над вообичаените показатели за вакви видови на рак.

Згодно е и тоа што вакцината ELI-002 2P е „спремна за користење“, што значи дека е стандарден третман кој не треба да се персонализира за секој пациент посебно.

Потребни се дополнителни испитувања и тестирање за целосно да се проценат ризиците и придобивките, но со оглед на високите стапки на рецидив и морталитет од рак на панкреас и колоректален карцином, постојат силни докази дека оваа вакцина би можела да додаде години здрав живот, вели Вајнберг.

Истражувачите, исто така, виделе позитивни знаци дека вакцината го тренира имунолошкиот систем да се бори и со други видови мутации на рак.

Таргетирањето на KRAS долго време се смета за еден од најтешките предизвици во терапијата на ракот. Оваа студија покажува дека вакцината ELI-002 2P може безбедно и ефикасно да го обучи имунолошкиот систем да ги препознава и да се бори против мутациите што го предизвикуваат ракот. Нуди ветувачки пристап за генерирање прецизни и трајни имунолошки одговори без сложеност или трошоци за персонализирани вакцини, додава Вајнберг.

14 август 2025 - 15:32