Десетици граѓани и полицајци се повредени во масовните и жестоки пресметки помеѓу демонстрантите и приврзаниците на власта во Нови Сад, Белград и во десетина други градови низ Србија.
Најжестоко било во Нови Сад, каде што група „блокадери“ го опколила штабот на владејачката СНС. Маскирани хулигани врз нив фрлале факели и петарди, по што почнал општ хаос.
Штабот на СНС бил уништен. Според претседателот Александар Вучиќ, биле повредени 16 полицајци и 60 граѓани. „Тие буквално пливаа во крв“, изјави Вучиќ.
Во Белград полицијата и жандармеријата употребила солзавец за да ги запре демонстрантите што тргнале кон кампот на лојалистите на Вучиќ. Демонстрации имало и во Краљево, каде што полицијата спречила директни судири на двете групи, во Ниш, Чачак и Крагуевац. Нема информации за повредени лица.
Опозицијата ги осуди насилствата и ја обвини полицијата дека била пасивна кон групите маскирани хулигани што ги напаѓале и ги провоцирале демонстрантите. СНС одговори дека демонстрациите се обид на опозицијата и на „странските центри на моќ“ да ја дестабилизираат државата. Претседателот Вучиќ изјави дека нема намера да ја ангажира војската да интервенира и дека нема да има граѓанска војна.
Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.