
Новите статистички податоци говорат дека за само две години, од 2022 до 2024, од сиромаштија во Мексико биле извлечени повеќе од 8,3 милиони луѓе. Ова претставува пад од речиси 18% на сиромаштијата во земјата што долго време се бори со високи нивоа на економска несигурност и невработеност.
Бројот на луѓе во екстремна сиромаштија се намалил за 23%, а на оние во „умерена“ се намалил за повеќе од 16%, според извештајот на мексиканскиот Национален институт за статистика и географија (INEGI).
Во поширок период од шест години, од сиромаштија се извлечени дури 13,4 милиони Мексиканци. Во 2018 година имало 51,9 милиони луѓе под прагот на сиромаштија, а денес ги има 38,5 милиони.
Овој период се поклопува со владеењето на поранешниот популистички претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор. Претседателот, кој остана популарен дури и откако ја напушти функцијата минатата година, го изгради своето политичко движење врз основа на големата поддршка од посиромашните и селаните, со ветување дека ќе ги стави сиромашните на прво место и дека ќе го распредели богатството подеднакво во латиноамериканската земја.
Проблемот ни од далеку не е решен. Денес секој трет граѓани на Мексико живее во сиромаштија, но показателите од изминатите години се охрабрувачки, вели Клаудија Малдонадо, претставувајќи го извештајот на INEGI.
Мануел Мартинез Еспиноза од Националниот совет за хуманистички науки, науки и технологии објаснува дека успехот е резултат на две клучни реформи - зголемувањето на минималната плата и воведувањето програми за социјална поддршка.
Пристапот до социјално осигурување, безбедноста на храната и достоинствените услови за живот се зголемиле, но помали се придобивките од пристапот до здравствени услуги, се наведува во извештајот на INEGI.
Во периодот од 2018 година, кога Лопез Обрадор ја презеде функцијата, па до почетокот на оваа година, минималната дневна плата во Мексико се зголемила тројно од 88,4 пезоси (4,75 долари) на 278,8 пезоси (15 долари) дневно.
Во исто време, владата на Лопез Обрадор укина многу социјални програми и воспостави свои, брзо зголемувајќи ги вкупните социјални трошоци за постарите граѓани, невработените млади, студентите, земјоделците и лицата со попреченост.
Еспиноза забележува дека многумина граѓани се уште сè зависни од социјалната помош, која сама по себе не е долгорочно решение за справување со сиромаштијата.
Сè додека нема инвестиции во други сектори, луѓето повторно може да паднат во сиромаштија ако престанат да ја примаат помошта од владата, предупредува Еспиноза.