Овој беше најдобриот од сите можни светови, м?
— Никсон (@rnixn) October 1, 2018
„Зависи дали си Лајбницовец или Волтеровец“, сакавме да одговориме. Ама бидејќи Твитер, особено кога е вжештен, не трпи вакви интелектуализирања, решивме наместо твит да напишеме - цел текст. И тоа со актуелна поента.
„Постоечкиот свет, оној што го има создадено Бог, е најдобриот од сите можни светови“, напишал во 1710 германскиот полимат Лајбниц, како негов обид да го реши проблемот на истовремено постоење и на добриот Бог и на злото во светот. Нарекуван „Лајбницов оптимизам“, овој став наидувал на жестоки критики, но најпознатата реплика е сепак онаа на Волтер, олицетворена во ликот и делото на Кандид, наслов на неговото познато сатирично дело.
Во него младиот и наивен Кандид, живеејќи под стаклено ѕвоно во замок на негов вујко - германски барон, е индоктриниран од оптимизмот на Лајнбиц преку својот ментор, професор Панглос. Но наскоро, фатен како се бакнува со ќерката на баронот, тој е избркан од дома. Така почнува неговото брутално соочување со злата на светот, олицетворени во војни, епидемии, ропства, канибализам.
Волтер не прескокнува ниту едно зло од тогашниот свет, список кој денес може да се збогати со по уште некое. Еден од клучните моменти, кој се смета и за инспирација за Волтер воопшто да го напише делото и да го отфрли оптимизмот на Лајбниц, е катстрофалниот земјотрес и цунамито кои се случиле во Лисабон во 1755, само три години пред објавувањето на книгата. Според Волтер, во најдобриот можен свет, создаден од благонаклон Бог, ваква катстрофа едноставно не би била можна. За да биде уште понеобично од аспект на верата, таа се случила на денот на Сите свети, а во неа погинале околу 40.000 луѓе. Дека Кандид и земјотресот во Португалија се поврзани покажува и тоа што Волтер објавил поема насловена „За лисабонската катастрофа“ истата година кога таа се случила.
Но суштинската разлика помеѓу „слепиот“ оптимизам на Лајбниц, кој е базиран на верба во повисок ентитет кој мисли и бира во наше име, и практичниот пристап на Волтер, станува јасна на крајот од „Кандид“. Кога после сите перипетии среќаваат селанец кој води сосема едноставен живот, одбегнувајќи искушенија и напорно работејќи, Кандид и неговите сопатници се стационираат и почнуваат да обработуваат една единствена градина. Сето време и енергија го посветуваат на физичка работа, па не им останува сила за филозофирања.
Така, наместо во пасивното „ова е најдобриот од сите можни светови“ (и точка), тој оптимизмот го наоѓа во силата работите да се променат со сопствените две раце, со копање и напорна работа. Тоа што до ваквото сознание се доаѓа после долг изминат пат кој вклучува наивност, преголеми очекувања од надвор а премали напори од внатре и многу загубено време, може само да значи дека лопатата - метлата, чеканот, пилата - треба да се фатат не утре, не задутре, туку веднаш.