Крем де ла крем во Скопје: Жељко Обрадовиќ, Славен Билиќ и Мијатовиќ ги промовираат Игрите за млади

Македонија ѝ се приклучува на најголемата аматерска спортска манифестација за деца и млади во Европа – „Спортски игри за млади“. Токму затоа во Владата на Република Македонија и официјално беше потпишан договор за соработка и нашата земја стана дел од оваа престижна меѓународна платформа. Познати гости од регионот во Скопје.

Што претставуваат „Спортските игри за млади“?

Потпишувањето на договорот го реализираа Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија, и Здравко Мариќ, претседател на „Плазма спортските игри за млади“.

Оваа иницијатива нуди уникатен простор каде што децата и младите, без разлика на своето спортско искуство, можат да се натпреваруваат, да се дружат и да учат за вредностите на спортот, и сето тоа бесплатно. Натпреварите се организирани според професионални стандарди и опфаќаат 10 спортски дисциплини: мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика (трки на 60 метри), граничар.

Спортска програма низ цела Македонија

Активностите во Македонија ќе се реализираат во текот на април, мај и јуни 2026 година. Предвидени се 18 спортски дена во различни општини, со активно учество на училиштата, локалните заедници и со поддршка од националните спортски федерации. Очекувањата се дека над илјада деца од целата држава ќе учествуваат на овие настани.

Најдобрите поединци и екипи на државните натпревари ќе добијат шанса да патуваат на меѓународната завршница, која традиционално се одржува во Сплит, Хрватска.

Со приклучувањето кон „Спортските игри за млади“, Македонија застанува рамо до рамо со Хрватска, Словенија, Србија и со Босна и Херцеговина, земји каде што успешно се реализираат.

Спортските ѕвезди ги покануваат младите

Спортските легенди и амбасадори на „Спортските игри за млади“ денес испратија порака до младите. Меѓу легендите беа култните Жељко Обрадовиќ, Славен Билиќ, Предраг Мијатовиќ и други од регионот како и домашните Индира Кастратовиќ, селекторот на фудбалската репрезентација Гоце Седлоски, Петар Наумоски, Игор Стефановски-Иџе и други.

Славен Билиќ со ентузијазам најави: „Со огромно задоволство, сакам да ви кажам дека ‘Спортските игри за млади’ оваа пролет доаѓаат и кај вас. Првпат! Затоа, подгответе ги вашите патики, соберете ја екипата и дојдете на терен. Ве очекуваат многу насмевки, нови пријателства и вистинска спортска атмосфера“.

Жељко Обрадовиќ се потсети дека патот до врвот започнува со мали нешта: „Секој првак започнува од малите игралишта. Можеби, токму оваа пролет ќе видиме некоја нова спортска ѕвезда на ‘Плазма спортските игри за млади’“.

Горан Иванишевиќ, повикувајќи на заедништво, порача: „И затоа сакаме да ве видиме сите вас на теренот. Оваа пролет играме заедно“.

Еврокомесарот и амбасадор на Игрите, Јоханес Хан, ја нагласи суштината на овој проект: „Спортот не е само победа. Спортот е социјализација, почит и ферплеј. Ги покануваме сите деца да се пријават и да бидат дел од ова искуство. Да покажеме дека играме најдобро кога играме заедно“.

27 февруари 2026 - 14:26