Од април 2028 година Британија воведува акциза за електрични возила (eVED), која ќе изнесува 3 пени за милја (по околу 5 пени за изминат километар) за колите со погон на струја, а ќе биде двојно пониска за оние со автомобили со хибриден погон.
Постоечката акциза за дизел и бензин, која сега изнесува 0,53 фунти за литар, од септември ќе биде намалена за 5 пени и потоа ќе се прилагодува на стапката на инфлација.
Овие мерки ќе ги приближат трошоците за користење автомобили на струја и на фосилни горива. Севкупно, сопствениците на електрични автомобили просечно ќе мора да издвојат по околу 200 до 300 фунти годишно за новата акциза, покрај стандардната такса од 195 фунти за користење автомобил.
Евтината енергија е една од главните предности на електричните возила. Груби пресметки покажуваат дека вкупната цена за изминат километар (потрошената струја плус акцизата) ќе остане многу пониска, речиси двојно од возилата со мотори со внатрешно согорување, но само ако батериите се полнат на евтина струја за домаќинства.

Со други зборови нов голф на бензин ќе троши по 12 пени на милја (10 ако е на дизел), а соодветен модел на струја ќе троши вкупно 5 пени ако се полни на евтина струја, но 10 пени ако се полни на скапа, вклучувајќи ја и акцизата. Ако батериите се полнат во јавната инфраструктура, возењето електрични автомобили би било поскапо.
Поминатата километража ќе се евидентира на годишната задолжителна регистрација, а акцизата ќе може да се плати веднаш или на рати.
Според Канцеларијата за буџетска одговорност, со eVED би можело да се собира по 1,4 милијарда фунти годишно до 2029-30 година. Во проекциите е пресметано и дека акцизата би можела да обесхрабри купување на околу 440.000 електрични возила.
Според анкета на читателите на Auto Express, 37% сметаат дека надоместокот е фер, а 23 го сметаат за неправедно оптоварување на сопствениците на електрични автомобили.