Во 2017 неименуван купувач победува на аукцијата на Кристис и станува сопственик на сликата „Салватор Мунди“ за 450 милиони долари (400 милиони сликата + 50 милиони административни трошоци).
Подоцна се дознава дека купувач е саудиски принц, но истовремено аукцијата е последен пат кога сликата е видена во јавност или воопшто се знае каде е.
Лувр Абу Даби минатиот септември требаше да ја изложи сликата меѓутоа тоа не се случи, и отприлика во тоа време почнаа паниките околу локацијата на уметничкото дело.
Пред некој ден беше објавено дека Салватор Мунди е добар, и дека се наоѓа на супер-јахтата Серенити која саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман ја купи во 2015 за 500 милиони евра.
Паралелно со ова медиуми почнаа да го рчкаат новиот сопственик на „Спасителот на светот“ пишувајќи дека експерти на Лувр тврдат дека делото доаѓа од „работилницата на Леонардо да Винчи“, меѓутоа не лично од него. За сето ова време се повторуваше тврдењето на др. Кармен Бамбах од Музејот за уметност на Метрополитен, според која сликата е од асистентот на Леонардо, Џовани Антонио Болтрафио, а мајсторот најверојатно е одговорен само „за мало ретуширање“.