Го извлекле Трамп од „Ер форс 1“ во камионче за храна?

Доналд Трамп тајно ја напуштил Турција минатиот месец со воен авион, а не со претседателскиот „Ер форс 1“, во кој патувале неговата придружба и новинарите. Таква тајна операција за заштита на претседателот на САД била спроведена само неколку пати досега. Причината биле сериозните закани за атентат врз Трамп од страна на Иран, тврдат извори на „Вашингтон пост“.

Трамп пристигна на самитот на НАТО во Анкара со првиот лет во новиот претседателски авион - преуреден „боинг 747-8“ кој му беше подарен од Катар. Кога самитот заврши, во Анкара слета и постариот „Ер форс 1“ за да го врати Трамп во САД, што е невообичаено за патувања на претседателот. Трамп пред новинарите изјави дека самиот решил да лета со постариот авион „заради старите времиња“.

Но, според извори на Вашингтон пост, Трамп всушност заминал од Турција со трет авион – воен транспортер, а дури на половина пат се префрлил во претседателскиот.

На снимките од пистата во Анкара се гледа како Трамп се качува во претседателскиот авион и отпоздравува, додека новинарите и придружбата влегувале од задната врата, што е вообичаено. Но, само неколку минути подоцна под авионот пристигнало камионче за кетеринг, чиј контејнер бил кренат до врата на авионот што не се гледа на камерите. Камиончето потоа тајно го префрлило Трамп во помал воен транспортен авион C-32A, кој е модификувана верзија на патничкиот „боинг-757“. Во помалиот авион подоцна се качил и шефот на Пентагон, Пит Хегсет.

Двата авиони потоа летале еден по друг до воената база RAF Mildenhall во Британија и слетале со разлика од неколку минути. На новинарите и на персоналот им било кажано да ги спуштат ролетните, што е невообичаено, и не знаеле дека претседателот не е со нив во авионот.

Белата куќа официјално останува на тврдењето дека Трамп патувал со претседателскиот авион. Ни Пентагон ни Тајната служба не го коментираа извештајот на Вашингтон пост, кој се темели на изјава на анонимни извори од придружбата на претседателот.

Овој исклучително редок случај на издвојување на претседателот од придружбата, дури и без знаење на високи функционери, говори колку сериозно биле сфатени заканите за атентат врз Трамп од Иран. Ситуацијата се споредува со првите часови по терористичките напади на 11 септември 2001 година, кога Белата куќа криеше дека претседателот Џорџ Буш бил префрлен со авион во воен објект во Небраска.

Една таква мисија се одвиваше во март 2000 година, кога претседателот Бил Клинтон го посети Пакистан. На пистата во Исламабад Клинтон излезе од обичен бел авион што го следеше сино-белиот „Ер форс 1“.

Заканите за атентат се поврзуваат и со подарениот авион од Катар, за кој се тврди дека ги нема одбранбените системи од постарите верзии и за кој Трамп објасни дека „ќе претрпи дополнителни надградби“.

Новиот „Ер форс 1“ е најсовремен авион, опремен со безбедносни протоколи од највисоко ниво кои ја гарантираат безбедноста на претседателот и неговиот тим. Како што неодамна изјави претседателот, постојат многу непријатели на Америка кои го имаат него како цел, а ние ги користиме сите расположливи средства за да се справиме со тие закани, изјави директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чунг.

Во воената база во Британија Трамп се вратил во „Ер форс 1“ и на лет кон САД 15 минути давал изјави за новинарите, вклучувајќи и за ризикот од летање. Им кажал дека е под постојана закана од атентат и дека е „прв на листата на Иран за ликвидирање“.

Но, ако јас одам, одите и вие, нели? Можеби некој ден ќе сакате да ја смените професијата, ги предупредил Трамп.

11 август 2026 - 08:10