пишува: проф. д-р Даниела Тошева
Институт за класични студии
Филозофски факултет, УКИМ
Во своето дело Мудреци на вечера, античкиот автор Атенај пренесува една позната изјава на големиот трагедиограф Ајсхил: „Моите трагедии се само рибанки од богатата трпеза на Хомер“. Со една единствена метафора Ајсхил ја објаснил природата на античкото творештво: големите митови не се препишуваат, туку повторно се раскажуваат. Секој автор зема дел од богатата Хомерова трпеза и од него создава свое дело.
Ако тоа важело за Ајсхил, зошто денес би очекувале Кристофер Нолан да ни ја „послужи“ токму Хомеровата Одисеја? И неговиот филм е едно ново парче од истата богата трпеза, подготвено за современата публика.
Впрочем, така постапувале и самите антички писатели. Кога Еврипид пишува за Клитајмнестра или за Хелена, тој не се чувствува обврзан да ја следи Хомеровата слика за нив. Наместо тоа, создава ликови што зборуваат со јазикот на неговото време и се соочуваат со политичките, општествените и моралните дилеми на Атина од V век пр. н. е. Добро познатиот мит станува средство преку кое се отвора разговор за современиот свет.
Токму затоа Нолановата Одисеја не треба да се оценува според тоа колку верно го следи Хомер. Поважно е прашањето што ново ни кажува за еден мит кој веќе речиси три милениуми инспирира нови раскажувачи.
Да, во филмот може да се препознаат мотиви што не доаѓаат директно од Хомер. Некои сцени очигледно потсетуваат на Ајнеида на Вергилиј, а некои се плод на самата филмска драматургија. Но и тоа има антички преседан. И Вергилиј, кога ја пишувал Ајнеида, не бил „верен“ на Хомер. Тој ги користел Илијада и Одисеја како темел за да создаде нов национален еп за Рим.
Всушност, античката книжевност е исполнета со вакви разговори меѓу текстовите. Хомер разговара со трагичарите. Трагичарите со лиричарите. Вергилиј со Хомер. Овидиј со сите нив. Секој додава нешто свое.
Затоа и Нолан разговара со Хомер. Не го препишува. Не го илустрира. Разговара со него. Многумина го споредуваат Нолановиот Одисеј исклучиво со Хомеровиот и затоа остануваат разочарани. Но Хомер никогаш не бил единствениот автор што го обликувал ликот на Одисеј. Во атинската трагедија, особено кај Еврипид, тој веќе не е само мудриот херој што со својата итрина ја освојува Троја. Тој станува политичар, прагматичар, човек што интересот на заедницата го става над личната благодарност и моралните дилеми. Во Еврипидовата Хекаба, Одисеј без двоумење ја брани одлуката тројанската принцеза Поликсена да биде жртвувана на гробот на Ахил, тврдејќи дека тоа е неопходно за општото добро на грчката војска. Тој е многу помалку херој, а многу повеќе човек на своето време. Во тој Одисеј, а не само во Хомеровиот, може да се препознае нешто од Нолановата интерпретација.
Можеби затоа филмот функционира. Не се плаши да биде современ. Не се плаши да биде спектакл. Не се плаши да биде авторска интерпретација.
Дали е ова Хомеровата Одисеја? Не. Но тоа никогаш и не се обидува да биде. Тоа е Нолановата Одисеја.
И ако ја гледаме со истите очекувања со кои античките Атињани ги гледале трагедиите – знаејќи ја приказната, но љубопитни како ќе ја раскаже новиот автор – тогаш можеби ќе сфатиме дека Нолан е многу поблиску до античката традиција отколку што изгледа на прв поглед.
Види претходно: „Како го гледав Одисеја во грчко летно кино“