Како го гледав „Одисеја“ во грчко летно кино

Да се најдеш случајно во Солун на денот на премиерата на „Одисеја“ е како да си се нашол случајно во Њуjoрк на финалето на фудбалското првенство. Ако не си од најопседнатите, јасно ти е дека е нешто битно, но не и интензитетот на страстите што ги буди еден ваков настан од, во основа, забавен карактер. Сепак, атмосферата понесува, па ти доаѓа на проекцијата не само да купиш пуканки во специјална изработена „кофа“ во форма на Тројански коњ, туку и да си ставиш шлем на глава.

Aко некогаш сте следеле грчка телевизија, знаете дека кога ќе пуштите некои од најгледаните канали во 7 наутро, експерти дотерани како за на филмска премиера, во тие кутивчињата како од времето на Ковид, веќе на големо дискутираат за актуелни теми со интензитет на луѓе на кои во утринското кафе им ставиле Ред Бул. Во деновите пред 16-ти јули соговорници на невидено уште од рани зори споделуваа веќе формирани мислења за новата екранизација на „Одисеја“, главно врз основа на рекла-казала од глобалните медиуми, но и често спомнувајќи го учеството на Грција во проектот со 6.5 милиони евра од државниот буџет.

Сепак, ова беше само вовед во вистинската материјална расправа која се очекуваше по премиерата, на која пуристите дојдоа со баждарени мерни инструменти за „автентичноста“ на прикажаното, заборавајќи да ги понесат чадорите - она што реално беше потребно, барем за бројните летни кина. Нашево се викаше - многу соодветно - „Елинис“, со бели столчиња, сина ограда и специјално коктел-мени, од кое го одбравме „Повикот на сирените“ (џин и розов грејпфрут со морска сол на работ). На самиот почеток низ спомнатата ограда се обиде да се протне бездомник со шише ракија, кој можеше многу лесно да биде преправениот Одисеј и дел од некаква интерактивна кампања. Го избркаа.

Нолан на повеќе пати изјавуваше дека неговата „Одисеја“ е обид да се рекреираат класичните филмови базирани на митологија кои ги гледал како дете, „со тежината и кредибилноста на еден огромен буџет и холивудска продукција“. Притоа се спомнуваше името на легендарниот стоп-моушн аниматор, Реј Херихаусен, кој пред повеќе од половина век ги создавал специјалните ефекти за „Кинг Конг“, „Јасон и Аргонаутите“ и „Симбад морепловецот“. Влијанието на оваа естетика станува јасна oсобено во сцените кои вклучуваат митолошки суштества, а прва таква голема е онаа на островот на Киклопите. 

Токму тука и спомнатите баждарени инструменти почнуваат предупредувачки да титкаат. Сцената во која Одисеј и војниците се обидуваат да го опијат Полифем и со лукавство да му киднат, одлично доловена во верзијата со Кирк Даглас од 1954 (со антологиската реплика на чудовиштето „Грциве се жилави“ откако ќе проголта еден од нив), во верзијата на Нолан завршува со тоа што Одисеј, сосема непотребно, стрела кон Киклопот во момент кога веќе е јасно дека ќе му избегаат. Ова води кон акциона сцена на бегство, во која (повторно непотребно) гинат куп војници. Поважно, италијанските автори на верзијата со Даглас се помачиле да ја доловат славната игра со зборови која ја одбележува целата епизода - Одисеј му се претставува на Киклопот како „Никој“, па кога ослепениот Κиклоп вика за помош, може само да извика дека го напаѓа „Никој“, збунка што другите Киклопи ја толкуваат буквално и не притрчуваат на помош. Кај Нолан овој момент го нема, затоа што не бил „филмичен“. Оние кои го планирале коктел-менито во киното или не знаеле за ова, или многу добро го знаеле, бидејќи имаше и коктел со такво име, со Кока-кола.

Вториот аларм се случува подоцна и трае 8 минути, колку што е целосното филмско време на Лупита Нионго во улогата на убавата Елена. Таа не само што објективни причини не е „белолакта“ (λευκώλενη), еден од класичните хомерови епитети за опис на божици и благороднички, туку кога драматично ќе се сврти во анфас има и унаказено лице, полно лузни. Си ја запирате помислата „За оваа ли бе?“, за да не испаднете расисти.

Наместо стилизиран, „поткренат“ англиски каков сме навикнати да слушаме во историски епови (типично со британски акцент), Нолан одлучува неговите антички Грци да зборуваат сосема современ, секојдневен американски англиски. Ова беше тема начната уште од трејлерот во кој Телемах му се обраќа на татка си со „деди“. Но во солунското кино мешавина од одобрување и чудење предизвика друг момент поврзан со употребениот јазик. Кога Oдисеј и неговите се на островот на Сирените, локалците зборуваат на модерен грчки, а тие на англиски, што создава слоеви конфузија - ако веќе е грчки зошто не можат да се разберат (струмички ли е?) и зошто требало да е модерен? 

Се замеруваше и за обликот на шлемот на Одисеј (историски опишан со „глигански заби“ - заби од диви вепари, а во филмот прикажан како генеричен бронзан шлем), за металниот дизајн на оклопите кои потсетуваат повеќе на костимот на Бетмен отколку на микенска бронза, за потполно новиот лик Синон (преземен всушност не од „Одисеја“, туку од Вергилиевата „Енеида“, а во филмот игран од Елиот Пејџ), а генералниот впечаток е дека боговите се сведени на визии и присуства „зад кулисите“ наместо активни учесници во дејството. Да, и ликот на Одисеј бил всушност продолжение на оној на Опенхајмер, а Тројанскиот коњ бил атомската бомба. 

На крај, излегува дека најмногу може да се ужива во филмот ако не се знае речиси ништо ни за епот, ни за различните контроверзи. Си отидеш раат во кино, си земеш обична кофа пуканки, невознемируван од Никој, како до пред малку да си лапал лотоси. Во спротивно, ќе се фатиш како денови пред филмот си ја повторуваш лектирата како да ќе те испрашуваат, а на детето дома му мрчиш со: „Каков ти збор, мило чедо, низ забната ограда мина?“. 

Илина, Букбокс

ПС После ова ја повлекуваме резервираноста за „Враќање“ со Ралф Фајнс и Жилиет Бинош. Супер си е!

20 јули 2026 - 10:51