Во 1955 Одисеј во истоимениот филм го играше Кирк Даглас. Потоа браќата Коен „лабаво“ го адаптираа митот во „О, брате, каде си?“. А за јули оваа година е најавена нова верзија на Кристофер Нолан, со Мет Дејмон во главната улога. За приказна со толку податливи елементи за на филм, необично е што има толку малку екранизации. Но тоа донекаде е и разбирливо. Големите епови, кои реално малкумина ги имаат читано во стих и во целина, се ризични за преработка која истовремено ќе ја испочитува повеќеслојноста - густината на настаните и архетипските карактерни профили - но пак нема да биде само „чек-листа“ на најпрепознатливите сцени.
Уберто Пазолини во „Враќање“ веројатно тргнал од оваа логика, во двата часа да се фокусира на финалето на враќањето на херојот на Итака по две децении отсуство, со многу малку контекст за она што се случувало претходно. Единствено што е јасно е дека Одисеј страда од Пи-ти-ес-ди - дома се враќа трауматизиран, не како победник, туку како скршен човек и без ниту еден од своите војници. Пенелопа, пак, со години го чека неговото враќање, заедно со нивниот син Телемах, обидувајќи се да го зачува престолот, бидејќи Итака е практично окупирана од група насилни додворувачи кои сакаат да ја натераат да избере нов маж.
Во психолошка смисла филмот прави „иле“ во портретирањето на психолошката состојба на ликовите, припишувајќи ги нивните страдања, сомнежи и однесувања на поинакви мотиви отколку на оние во епот. Одисеј во него се јаде од вина за тоа што се враќа сам, без најдобрите синови на Итака. Без потребниот контекст, тој може навистина да делува како лош водач, кој со своите погрешни одлуки довел до таквата ситуација. Но тие исти „најдобри синови“ во оригиналната нарација се всушност истребени низ синџир на настани кои вклучуваат нивни сопствени грешки, алчност и божествена интервенција. Последниот, фатален удар врз екипажот следи откако тие и покрај сторгите предупредувања на Одисеј убиваат дел од светите бикови на Хелиј, по што Ѕевс го уништува бродот со гром. Сите морнари умираат, а единствен што преживува е нашиот херој.
Што се однесува во односот Телемах-Пенелопа, во филмот се добива впечаток дека синот многу лесно се откажува од идејата дека татко му е жив, па дури и ја убедува мајка си да се премажи, емоционално уценувајќи ја со баналното „ама знаеш, еден морнар ми кажа дека тој живее со друга жена“. Ова сигнализира нетрпение од негова страна да „порасне“ и да се еманципира од сенката на татка си, со кого се во тензија дури и кога ќе се сретнат. Но во епот ова не е така - првите четири книги односно поглавја се целосно посветени на неговата потрага по каква и да е информација за татка си кај соседните владетели, па тој циклус често се издвојува како засебна целина и се нарекува „Телемахија“. Oттаму, во епот делува многу поприродно и доследно кога тој во крвавите сцени на одмазда во кралската палата ќе му се придружи во масакрот на дрските додворувачи.
Отстранувањето на боговите и на натприродните елементи, иронично, ја нарушува и логиката на (не)препознавањето на Одисеј од страна на најблиските. Навистина, имаат поминато 20 години, но до толку ли не би го познала неговата стара дадилка и сопствената жена? Во епот ова е објаснето со неговото преобразување во просјак од страна на божицата Атина, а само во клучниот, катарзичен момент, откривањето на неговиот вистински физички изглед. Ова било очигледен проблем и за режисерот, кој тој се обидува да го реши со тоа што разговорот помеѓу него и Пенелопа се одвива во...темна просторија.
Токму поради ваквите концептуални решенија, филмот делува како пропуштена шанса - чувство кое е уште понагласено имајќи ги предвид одличните Ралф Фајнс и Жилиет Бинош во главните улоги, нивна прва филмска средба по „Англискиот пациент“. Таквата екипа можела да направи многу повеќе отколку третина филм да зјапа во празно.
Илина, Букбокс