На последниот самит на седумте најмоќни држави на светот, првиот човек на британскиот трезор ја обелодени иницијативата за создавање централизирани дигитални валути (Central Bank Digital Currencies - CBDC).
Потегот се чини разумен и соодветен на времето во кое живееме и предизвиците кои ги носи: криптовалутите веќе се етаблираат во финансиските текови а хартиените пари забрзано „стареат“, особено во светло на можните јаки инфлации кои евентуално ќе ги донесе економската криза предизвикана од пандемијата и енергенсите.
CBDC можат да бидат дигитални верзии на парите, своевидни дигитални банкноти кои можат да се користат паралелно со физичките банкноти и монети.
За разлика од останатите криптовалути кои се во оптек, CBDC ќе се издаваат централизирано, од народните банки на државите.
Сега малку за морничавите цаки на идејата:
Се замислува централизираните дигитални валути да бидат „programmable“ односно да можат да се програмираат. Од Глобалниот блокчеин бизнис совет предупредија дека тоа може да биде вовед во незамислива државна контрола бидејќи тие дигитални пари може да се програмираат да бидат користени, на пример, само за неопходни потреби како што е храна.
Со други зборови, парите кои се ваши и сте ги заработиле со труд, некој друг ќе кажува за што ќе ги користите. Во суштина, тоа веќе не се пари (бидејќи со свои пари имате слобода да правите што сакате) туку своевидни ваучери или купони чија употребна вредност ќе биде централно диригирана.
Доведена до некои крајни сценаристички можности, замислете ден во кој сте отишле да купите млеко и хамбургер, но на терен дознавате дека можете да купите само млеко бидејќи веќе сте ја потрошиле дозволената месечна квота хамбургери кои можете да ги купите, квота која ја одредуваат надлежните, за ваше добро.
Во такви правец размислува и заменик гувернерот на Банката на Англија, Сер Џон Канлиф, кој рече дека дигиталната валута ќе може да биде програмирана за комерцијални или социјални цели, дури и за тоа на што децата ќе го трошат својот џепарлак.
Алармот го вклучи Мааџит Наваз кај Џо Роган (многу добра епизода)