Теофил Панчиќ:

Истрел во срцето кое го нема

“Глеј, глеј, Џегер и Ричардс на македонската драма и театар, па уште ексклузивно во нашиот сокак!", весело крикнува Теофил Панчиќ, по повод најновата претстава на Дејан Дуковски и Алексадар Поповски, за која вели дека нема ни една утка.

Извонредното ново парче на Дуковски кое Поповски го постави беспрекорно, со инспирираниот ансамбл на Српското Народно Позориште е без слабо место: да е подобро, не би било на арно.

Театарските сезони некако ни започнуваат со Битеф, но оваа почна некој ден пред Битеф а богами  и многу подобро од поголемиот дел од она што го гледавме на неговиот главен програм.... Во СНП во Нови Сад (во копродукција со Центарот за развој на визуелната култура) праизведена е претставата "Духот кој оди" (или "Патот на Прометеј") на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски. 

Глеј, глеј, Џегер и Ричардс на македонската драма и театар, па уште ексклузивно во нашиот сокак? Шегата на страна, повеќе пати е докажано дека тие двајца одлично се разбираат, или поточно, како малку кој друг. Поповски има клуч за безбеден влез во неретко замрсените светови на jунаците на Дејан Дуковски, писател кому му е баш досадно да пишува "конвенционални" театарски претстави a уште подосадно да се занимава со академско неоавагардисување или пак, недај боже, со некои "постдрамски" керефеки, туку наместо тоа создава зачудувачки драмски меланжи на импулсивна и импресивна јазична енергија, но некогаш и така зезнато структурирани што некој помалку вешт - или едноставно, помалку упатен - режисер во нив лесно се губи а потоа џенем ја носи и целата претстава.

Како и да е, "Духот кој оди" e - можеби малку изненадувачки - еден нешто "подисциплиниран" Дуковски од оној разбушавен лудист на кој сме навикнале, тоа е парче со централна фабулативна линија која доследно се следи, што би се рекло 'и со глава и со опашка', но таа условно кажано промена е остварена во рамките на многу препознатливата поетика на разиграниот скопјанец кој во 90-тите во пост-ју драматургијата воведе едно ново, моќно, до денес всушност могу ретко и драгоцено самопоимање на балканското буре барут, некогаш и сега: доволно оддалечено и од авто-конолонизирачкоиот самопрезир на "недоволно европскиот" Балкан но и од авто-егзотирачкото самообожување на кодификуваната балканска "поинаквост", разбрана како квази-културолошко алиби за секаква неодговорност и кон себе и кон другите.

Протаганист на "Духот кој оди" е Александар наречен Мара, драматург ем шекспиролог, значи со 'непрофитабилно занимање', како што тоа фино му го дефинира неговиот банкар, објаснувајќи му дека - ништо лично  - банката ќе мора да му ја одземе куќата. Банкарот меѓутоа и самиот е раздвоена личност, го опслужува системот кој длабоко го презира; препознавајќи бунтовник во Мара, му дава пиштол со кој овој - во хамлетовска потрага по Виновникот - по ред ќе кине разни негативци, сè повисоко и повисоко позиционирани тркалца во механизмот на системски организираниот грабеж чија жртва е и самиот тој; прашање е дали тоа е баш пирамида, има ли Системот центар или срце, може ли тој просто да се уништи или пак е толку апстрактен и сеопфатен што е и неранлив, независен од судбината на извршителите....

Прашањето е доволно вознемирувачко, но има и полошо: таман и да го постигнеме саканото "создавање на подобар свет" за своето дете, што ќе значи тоа за тоа исто дете кое суштински го губи таткото? На тоа прашање нема добар одговор и тоа е трагедијата на Мара, иако тој ќе даде сè од себе да го отфрли и тоа искушение. 

Ова е само стрела која ја фијукнав нив централниот мотив на парчето а околу него се рои извонредна галерија ликови кои се вистински неговото сочно месо.....

Како што е и ред за праизведба (а после како бидне), Поповски ја следи приказната без посебни интервенции но правејќи сè што е потребно овие предизвикувачки ликови да заживеат: резултатот е силна, моќна претстава која од  првата до последната сцена работи како швајцарски саат, со ансамбл во кој нема слабо место. Сепак, носечки столб на оваа претстава е извонредниот Радоје Чупиќ, брилијантен во улогата на неколкумина негативци и уште во некои минијатури, која од која подобра: колку е преубаво да се гледа вонсериски актер во раце на режисер кој знае и умее!

И што уште? Смирена а функционална сценографија со која глумците се справуваат на неоптоварувачки начин, костими кои работат за претставата а не покрај неа, исто таква е и музиката... "Духот кој оди" е духовит, разигран и суштински сериозен театар каков што сака гледател кому му е доста и од 'традиционалистичко' и од 'пост-нео' итн пренемагање, онакво кое длабоко нè засега а се темели и повикува на беспрекорен 'занает', па на крајот богами и го создава она нешто што се вика висока, силна уметничка експресија, вистинско театарско доживување. А сето тоа врз основа на еден од најдобрите, а по многу што и најзрел текст на Дејан Дуковски, тој сериозен драмски мислител под самозаштитната маска на ветропирест рокенрол анархист.

Теофил Панчиќ, за белградско Време

Скопско, а светско

Дејан Дуковски, Драми, Култура 2012

Дејан Дуковски, од фамозната „Буре барут" (ЈДП, 1995, режија Слободан Унковски) па наваму често е изведуван во Србија и по другите земји каде се зборува нашиот заеднички таканаречен БХС јазик; оваа драма дополнително барем до некаде „го осветли" и неговото претходно, сјајно остварување „Балканот не е мртов", тоа разорно проникливо чепкање по запретаните корени на „балканштината", како магичен круг на чинење и трпење на прекумерно и во основа самоуништувачко насилство - и го отвори патот кон север за неговите идни дела. Од некоја причина, меѓутоа, ги немаме драмите на Дуковски во книга на БХС јазик. Во Македонија тоа издание постои: книжурина од некои добри 600 страници, во која уредничката Јелена Лужина ги собрала сите 16 драми (13 „целовечерни" и три едночинки) кои Дуковски до сега ги има напишано, од исклучително интересното деби со Балканска 3а/II, коморна урбана мистерија/фарса од 1988 (кога Дуковски имал само 19 години!), а која и ден-денес добро би функционирала на сцената, но и како ТВ драма или среднометражен филм.

Добро е внимателно и „во парче" да се помине низ овој опус, да се следат меандрите на еден возбудлив, можеби и во добра смисла кажано каприциозен авторски развој и дело, а сето тоа на постамент на вулкански талент, што е очигледно од самиот почеток. Што, додуша, може да дојде и на самиот крај на читателскиот потфат, затоа што уредничката на драмите на Дуковски нив ги поставила по обратен хронолошки ред: од тогаш најновата (Изгубени Германци), па потоа Утерус, Празниот град, Другата страна, Дракула, ММЕ кој прв почна, Буре барут и така по ред кон... хм, почетокот. Јас инстинктивно имав нешто против тој концепт, па книгата ја читав обратно, од нејзиниот крај, односно конвенционално хронолошки, од најстарите дела кон поновите. Дали добро постапив, кој знае: не знам како тој опус би ми изгледал да го читав во понудениот клуч...Абе би бил тој еднакво добар, но можеби би воочил некои други работи.

„Горниот дом" на драмското дело на Дуковски, односно речиси сите драми од Балканот не е мртов па наваму, дефинитивно им припаѓаат на најсовремените и на најмоќните драмски поетики на деведесетите и нултите на европско ниво; не е тешко да се воочат поетичките допири со она што во Британија е наречено драматургија на крв и сперма (Марк Равенхил, Сара Кејн), како и можеби уште поголемите преплети со новата германска драматургија (Деа Лоер, Шимелфенинг, фон Мајенбург итн.), и со некои од „новите Руси", но Дуковски - за разлика, да речеме, од некои белградски, на крај по сè изгледа жално второстепени бубалици кои дојдоа по Милена Марковиќ и Билјана Србљановиќ..- низ сите тие можни влијанија или просто природна сензибилитетска сродност и (интер)генерациски велтгајст струења минал како куче низ роса: се освежил, но не покиснал... Сума сумарум, неговото пишување не може да биде „полокално", тоа дури не е ни „македонско", туку баш скопско, а од друга страна, не може да биде поглобално отколку што е, нурнато длабоко во свет на општокултурни и особено попкултурни референци; затоа толку лесно е прифаќан на сцените ширум Европа, и затоа е толку длабоко вкоренет во еден географски доста прецизно дефиниран велтшмерц - при што на таа вкоренетост ниту со најмал гест не инсистира, ниту пак на неа помпезно се повикува: тој свет кој Дуковски го отсликува, обработува и го ре-креира едноставно го живее она што е.

Би било добро, корисно, здраво и неопходно да се има оваа книга на српско(хрватски). Дуковски, имено, е писател а не „скриптор" кој нафрла полусварени идеи, за режисерот потоа од тоа да направи пита. Неговите драми се чист, магичен театар сами по себе: секогаш можете да ги играте во вашиот личен театар, а ни репризи нема да недостасуваат.

T.П.